На територија на град Битола се спроведува истражување за потребите на новиот Генерален урбанистички план на град Битола, во рамки на проектот за изработка на сообраќајна студија за градот, чиј инвеститор е Општина Битола.
Истражувањето ќе се реализира преку онлајн анкета на домаќинства во периодот од 23 април до 30 мај, како и со физичко присуство на домаќинствата.
„Анкетата е целосно анонимна, односно вашето име, ниту името на било кој член од домаќинството, не е потребно, а вашите одговори ќе се користат исклучиво како статистички податоци“, информираат од Општина Битола.
Организаторот на анкетата, по случаен избор, ќе обезбеди и подарок велосипед за еден учесник од домаќинствата кои ќе прифатат учество во анкетата, истакнуваат од Општината.
„Резултатите ќе се искористат за дефинирање на мерки за подобрување на транспортната мрежа, намалување на негативните влијанија од сообраќајот врз животната средина, зголемување на пристапноста, зголемување на безбедноста во сообраќајот како и квалитетот на живот во градот. Со вашето учество, придонесувате кон подобрување на сообраќајната инфраструктура и транспортните услуги во Битола“, додаваат оттаму.