Откако управниот одбор на Детско ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ Битола преку социјалните мрежи алармираше дека по 40 години, Министерството за образование и наука (МОН) го затвора ова Студио, а со тоа ќе го нема и култниот бренд „Мал Битолски Монмартр“, поддршка за него најавија од Општина Битола и Министерство за култура. Сепак, Детското ликовно студио бара трајно решение, посочувајќи дека нивните ученици се промотори на Битола, но и амбасадори на Македонија.
За целиот случај вчера најпрво преку социјалните мрежи соопшти Славчо Неделковски, член на Управниот одбор на Детско ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ Битола. Посочи дека на 5 мај донеле Одлука за целосна реорганизација на активностите на Студиото „Свети Кирил и Методиј“, кое 41 година е организатор на култната и најстарата, а по Гинисова книга на рекорди и најголема светска детска ликовна колонија, па од МОН добиле информации дека веќе нема да ја имаат нивната поддршка.
„Иако 3О години министерството обезбедуваше само една плата за едно лице [технички секретар] и електрична енергија сега по ‘ничија грешка’ се констатира незаконитост во таа активност и веднаш се прекинуваат сите форми на финансирање. Цинична сума од 6О.ООО денари месечно која нас не одржуваше во живот а годишно 8О деца ги правеше ликовни уметници и амбасадори на својата земја низ светот. Ученици од 5 до 2О годишна возраст кои бесплатно ликовно се едуцираа и го развиваа својот талент во нашите простории но и низ детските ликовни колонии од Хонг Конг [ Кина ] па до Португалија. Имено само изминатите шест [ 6 ] месеци нашите ученици на 1О светски детски ликовни конкурси и 5 светски детски ликовни колонии освоија над 85 награди. И така нив денес ќе им соопшиме дека нема настава од септември и ќе им речеме: ‘Браво и збогум!’ Со ова сме доведени во ситуација во која апелираме сите здраворазумни граѓани и општествено одговорни компании во Македонија да ни помогнат со гест на поддршка и финансиска помош за да опстои единствениот светски детски бренд од Македонија – Мал Битолски Монмартр“, стоеше меѓу другото во јавниот апел на Славчо Неделковски, Елена Хаџи-Антоновска и Ангела Каранфилова од битолското „Свети Кирил и Методиј“.
По ова, се јави Министерството за култура, најавувајќи дека поддава рака и го презема функционирањето на „Мал Битолски Монмартр“.
„И понатаму ќе течат нивните активности така што учениците од 5 до 2О годишна возраст кои бесплатно ликовно ќе продолжат да се едуцирааат и го развиваат својот талент во нашите простории но и низ детските ликовни колонии од Хонг Конг [ Кина ] па до Португалија, велат од министерството за култура. Изминатите шест месеци нивните ученици зедоа учество на 1О светски детски ликовни конкурси и пет светски детски ликовни колонии кои освоиле над 85 награди“, се вели во соопштението на министерството.
Истовремено и Општина Битола најави дека ќе ги исплати трошоците на „Мал Битолски Монмартр“ до крајот на оваа година.
„Со ребалансот на буџетот, до крајот на оваа година, ќе бидат одвоени средства за исплата на плата на едно лице (технички секретар) и трошоците за струја, со што ќе продолжи функционалноста на оваа институција. Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј”, веќе 41 година е организатор на најстарата светска детска ликовна колонија „Мал Битолски Монмартр“. Во изминатите децении, илјадници детски цртежи од оваа колонија создадени од рацете на малите ликовни уметници, ги красат ѕидовите на престижни институции во државата, а секој мај, Битола е исполнета со џагорот на децата – ликовни уметници од целиот свет“, соопштија од Општина Битола.
Последно, по најавената поддршка, од Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ посочија дека денеска од 11 часот ќе заседава нивниот Управен совет.
„Бараме трајно решение. Нашите ученици се промотори на Битола, но и амбасадори на Македонија“, посочија од таму.
Бојан Шашевски