Активната транспарентност на министерствата и на општините и во 2019 година останува на ниско ниво, иако е порасната во однос на лани. Процентот на исполнетост на обврските за проактивно објавување на информациите кај сите 97 вклучени институции изнесува 56% (од можни 100%) и е зголемен за 12,5 процентни поени во однос на лани (кога просечно изнесуваше 43,5%).
Ова го покажува новото рангирање на институциите според Индексот на активна транспарентност кое го прави Центарот за граѓански комуникации. Под ’активна транспарентност‘ се подразбира објавувањето информации на сопствена иницијатива на институциите, без притоа некој да има доставено до нив барање за пристап до тие информации.
„Трета година по ред, проактивното објавување информации на министерствата е во пораст и тие се значително подобри од општините кои, пак, по двегодишно влошување, првпат бележат подобрување во активната транспарентност. Просечната активна транспарентност на министерствата изнесува 77,6%, додека на општините 51,7%“, велат авторите на анализата.
Рангирано според институции, во 2019 година активно најтранспарентна институција е Општина Битола, со резултат 87,7. По неа следуваат Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) со резултат 87,5, па Владата на Северна Македонија, Министерството за локална самоуправа и Министерството за одбрана, сите три со идентичен резултат – 85.
На дното на рангирањето се наоѓа Општина Пласница со резултат од само 9,2. Во најлошите пет институции се уште и општините Сопиште, Зелениково, Росоман и Теарце.
Според градацијата на активната транспарентност, Индексот покажува дека најмногу институции (42%), има во групата со ’добра‘ транспарентност, а најмалку во најлошата група со ’многу слаба‘ транспарентност. За разлика од лани, кога во најдобрата група со ’многу добра‘ активна транспарентност имаше само 2% од институциите, годинава во оваа група има дури 13% од институциите.
Во однос на регионите, Источниот Регион има најдобра активна транспарентност меѓу институциите, додека Скопскиот Регион падна на последното место.
Според анализата, најмалку информации и министерствата и општините објавуваат за финансиите, и тоа министерствата 57%, а општините само 26% од информациите што треба да ги објавуваат.
Кога станува збор за одговор на барањата за слободен пристап до информациите од јавен карактер што им биле испратени на сите во ист ден и со иста содржина, општините одговориле во просек за 21 ден (лани за 20 дена), а министерствата за 34 дена (лани за 41 ден). Но, за разлика од лани, кога одговориле сите институции, годинава дури 12% од институциите не одговориле на барањата, посочуваат од Центарот за граѓански комуникации.
Целосниот Индекс на активна транспарентност за 2019 година, може да го најдете на следниов ЛИНК.