По укажување на граѓани за бучава од гласна музика, општина Центар спроведе инспекциски надзор во угостителски објекти.
Инспекцијата во ноќните часови, направи надзор во 6 локали: Џуси бар, Бастион, Локал 45 и Радио Бар, лоцирани на улиците „Ленинова„ и „Пиринска“, Колектив Бар на Плоштад „Македонија“ и Нола бар во Капиштец.
По извршените мерења од овластена лабораторија за животна средина, добиени се извештаи за надминување на дозволеното ниво на бучава, соопштуваат од општината.
“Овластениот инспектор за животна средина ги посети сите угостителски објекти, по што изготви решенија со кои ги упати да превземат мерки за намалување на нивото на бучава во рамките на пропишаните гранични вредности”, се вели во соопштението.
Согласно Законот за заштита од бучава, на објектите им се доставуваат платни налози за глоба за сторен прекршок во висина на одмерената сума согласно Законот за прекршоци.
“На четири од локалите им е одмерена глоба во вредност од 300 – 500 евра. Доколку глобата се плати во рок од 8 дена вредноста се намалува за половина. За два од објектите, постапката е во тек, бидејќи се чека да поднесат годишни сметки според кои ќе се одмери казната.
Бучавата од гласна музика е проблем во општина Центар, бидејќи на мал простор во станбени објекти, приземни делови на зградите се наменети за кафулиња и тука во ноќните часови се одржуваат забави со голем број на гости и гласна музика”, велат од Општина Центар.
Оттаму апелираат до граѓаните да пријават гласна музика, и вознемирување во Полициската станица Центар, под чија надлежност е нарушување на јавниот ред и мир.
“Општина Центар заедно со МВР ќе преземе континуирани и редовни контроли по што ќе се превземат неопходните мерки”, се вели во соопштението на Општината.