Општина Центар објави повик за доделување субвенции за велосипеди и е-тротинети

Општина Центар распиша Јавен повик за доделување на поединечна субвенција на жителите на Општина Центар – Скопје, за купување нов велосипед, е-велосипед и е-тротинет во 2024 година.

Јавниот повик е отворен денеска и ќе трае се до исцрпување на средствата предвидени во Буџетот на општината.

„Со Јавниот повик ‘Цел Центар на точак’, Општина Центар – Скопје ќе ги субвенционира полнолетните жители на општината со 30% од цената, но најмногу до 3.000 денари, за купен нов велосипед, е-велосипед и е-тротинет почнувајќи од 1 јуни“, соопштија од општината.

Заинтересираните е потребно да ги достават следниве документи:

  • Барање за субвенција за купување на нов велосипед, е-велосипед и е-торитинет (достапно е во Архивата на Општина Центар-Скопје (барака бр.6) и на веб страната на Општина Центар-Скопје centar.gov.mk.)
  • Копија од лична карта;
  • Копија од трансакциска сметка;
  • Фискална сметка во оригинал за купен нов велосипед, е-велосипед или е-тротинет.

Барањата со комплетна документација се доставуваат во архивата на општината, барака бр. 6, од 9 часот до 15 часот, почнувајќи од денот на објавување на јавниот повик. По доставувањето на документите, на предлог на комисија, Градоначалникот на Општина Центар – Скопје носи решение за усвојување, односно известување за неусвојување на барањето, додаваат од општината.

Правото на субвенција е еднократно, а за сите дополнителни информации, граѓаните можат да се обратат на телефонскиот број 02/3203-600 и 02/3203-693.