Општина Гази Баба објави јавен повик за финансирање на иновативни проекти создадени од студенти кои студираат на некој од факултетите и високо образовните институции на нејзината територија. Идејата е да им се помогне на креативни студенти со желба да истражуваат.
„На овој начин сметаме дека побрзо ќе го премостите и скратите преминот од процесот на студирање кон сопствено професионално етаблирање на пазарот на труд или градење на сопствена деловна визија“, се вели во повикот.
Иновативните проекти треба да бидат од областите кои ги покриваат следните тематски области: ИТ, природните науки, земјоделските науки, шумарските науки, техничките науки, дизајн и уредување на просторот, дизајн на урбана опрема, гастрономија и туризам.
Проектот на иновирање треба да се однесува на: идеја, модел, организација, дизајн, апликација, практика, управување и организација на заштитени природни подрачја, гастрономски и туристички модели кои може да се аплицираат во локалната заедница на општина Гази Баба.
Проектот треба да се основа на креативен метод, односно да вклучува дефинирање на проблем, генерирање на идеја, селекција на идеја, имплементација на идеја и потврда на идејата.
Времетраењето на подготовка на иновативниот проект не треба да надминува (пет) месеци, односно да се реализира до 30 ноември 2021 година.
„Предложените проекти треба да резултираат со видливи резултати, како што се на пример истражувачки есеј, изработка на проектна задача, изработка на прототип, аудио-визуелен материјал, дигитален материјал и слично, а се однесува на: дизајн на урбана опрема и ентериер, мобилна ИТ апликација за пријавување комунални проблеми, гастрономијата како модел за привлекување туристи, управување и организација на заштитени природни подрачја во општина Гази Баба, примена на земјоделски практики за поздрава и поквалитетна раноградинарска храна, пошумување и уредување на јавни зелени површини и природни подрачја во општината, и слично“, се наведува во повикот.
Вкупниот буџет за овој предизвик изнесува 600.000 денари, додека буџетот на поединечен предлог проект не може да надминува 200.000 денари. Максимум ќе бидат наградени три најдобри иновативни идеи.
Крајниот рок за пријавување е 14 мај, 2021, до 16 часот во Архива на Општина Гази Баба.
Сите информации за јавниот повик се достапни на следниот ЛИНК.