Откако здружението „Анима Мунди“ соопшти дека Советот на општина Гевгелија едногласно усвоил програма со која се предвидува ерадикација (истребување) на животни скитници во Гевгелија, од општината експресно реагираа дека тие предвиделе промени во програмата за третман на бездомните кучиња.
„Точно е дека Советот на општина Гевгелија на последната седница донесе програма која го дефинира и третманот на бездомните животни. Во таа програма стои ставката ерадикација на животни скитници за која се одделуваат 300.000 денари. Не би сакале да звучи како оправдување но, уште пред да реагирате, со право, како здружение Анима Мунди, од наша страна се забележани груби грешки во текстот на програмата кои наведуваат на помислата дека се одделуваат општински пари за ерадикација на бездомните животни. Затоа на надлежното општинско одделение од страна на градоначалникот Иван Франгов им беше дадена задача да изготват измени и дополнувања на донесената програма , која ќе се најде на дневен ред на наредната седница на Советот на општина Гевгелија. Во тие измени не постои ставка ерадикација туку заштита, згрижување и во случаевите кога се работи за стари животни, кога не може да им се овозможи прифатлив квалитет на живот, односно кога се во лоша животна кондиција да се примени еутаназија на овие бездомни животни. Токму за ваквите активности и досега се одделувале тие 300.000 денари“, се вели во одговорот на општината испратен до Анима Мунди.
Тие соопштуваат дека подготвиле посебна Програма за третирање на животните бездомници на подрачјето на Гевгелија за 2015 година, која исто така ќе се најде на дневен ред на наредната седница на Советот на општина Гевгелија.
„Во општина Гевгелија досега немало а ниту отсега ќе има ерадикација(уништување или истребување )на бездомните кучиња. Значи, не станува ниту збор за некаква намера на општината да спроведува истребување на кучињата бездомници на својата територија, туку со овие програми во целост да се почитува Законот за заштита и благосостојба на животните во Македонија“, велат од општината.