Општина Гевгелија објави јавен повик за изградба на два нови бунари за вода, откако со години наназад локалното здружение „Арсена“ и жителите апелираа дека водата е загадена.
Новиот водоснабдителен систем, како што пишува во огласот објавен на веб-страницата на Општината, ќе се реализира со под-заем од Светска банка и грант од ИПА-програмата.
„Со проектот се предвидува изградба на два нови бунари во бунарското подрачје кај Вардар, односно потисен цевковод и резервоар на Мрзенски рид. Вредноста на целиот проект изнесува 105 258 839 денари, од кои најголемиот дел, 70.738.500 денари, се подзаем од Светска банка, додека 260.000 евра се грант од ИПА-програмата за претпристапна помош за комунална инфраструктура. Понудите од заинтересираните компании треба да се достават најдоцна до 4 октомври“, се вели во јавниот повик.
Според „Арсена“, со јавниот повик, гевгелиските власти сакаат да придобијат гласови, со оглед на тоа дека најавата за копање нови бунари за водоснабдување на Гевгелија доаѓа само еден ден по најавата за распишување на вонредни парламентарни избори во декември годинава.
„Прашање е зошто досега Општината не го спроведе и првично најавениот тендер во февруари 2014 година, кога рекоа дека ги чекаат резултатите од анализата на ископите кај Вардар, за издашноста на водата и за квалитетот, дали воопшто има арсен. Вториот тендер го најави поранешниот министер за финансии Ставрески за март годинава, кога одговараше по амандманот за одвојување буџетски средства за водоснабдување на Гевгелија во ноември минатата година, што тој го одби. Третиот тендер – насловен како оглас за јавна набавка за два нови бунари Општината го најави во јуни годинава и не видовме ниту тендер, ниту објава за избран најповолен понудувач. Зошто и треба четврта медиумска објава на општината за ископ на нови бунари само еден ден по договорот на лидерската четворка, за нас е симптоматично“, велат од „Арсена“.
Тие се убедени дека станува збор за замајување на јавноста, потсетувајќи на претходните две предизборни ветувања кои ги добиле за изградба на нов бунар, кој треба да го замени стариот шестдецениски систем. Според нив, огласот само потврдува дека во гевгелиската вода има арсен.
„Новиот оглас за копање два нови бунари кај Вардар за нас е признание на Општината дека има арсен во водата, проблем што тие упорно го изигнорираа сите овие четири години од кога е изречена забраната од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство во 2012 година, за употреба на водата од бунарите кај Моин, со која се снабдува Гевгелија и неколку населени места, поради недозволиво висока конентрација на арсен. Изборите, или најавата за избори секогаш носат промени. Се надеваме дека гевгеличани нема да бидат излажани од власта повторно со нереализиран тендер, зошто секој човек заслужува чиста вода, а не отров“, реагираат од „Здружението „Арсена“.