Со 16 гласа за, советниците од Карпош го усвоија Деталниот урбанистички план за просторот кај Спортскиот центар „Борис Трајковски“, кој група активисти периодов остро го критикуваа. Тој беше единствена точка на дневниот ред на денешната вонредна седница на Советот на општина Карпош.
Од Општина Карпош велат дека според ДУП-от просторот ќе биде наменет за комерцијални и деловни објекти, зеленило и рекреација, инфраструктура и сообраќајници, спортски базени и пливалишта, хали за повеќе спортови, дрвореди, украсно и заштитно урбано зеленило, пешачки простори, примарни и секундарни улични мрежи, како и бензински пумпи.
„Планот е изработен според одредбите за спроведување на Генералниот урбанистички план на Град Скопје, Законот за просторно и урбанистичко планирање, Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање. ДУП-от е со плански опфат од 4.88 хектари и се протега од Север и Запад по оска на новопланираните сервисни улици „С3“ и „С4“, од Југ по оската на новопланираната улица „С1“ и од Исток, по должина на градската магистрала Булевар „8. Септември“, стои во соопштението од Општина Карпош.
Оттаму информираат дека за ДУП-от гласале советниците од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ГРОМ, додека пак советниците од Левица и Независни за Карпош не присуствувале на денешната седница.
Токму од Независни за Карпош деновиве остро реагираа за носењето на овој ДУП. Тие од самиот почеток се спротивставуваат на начинот на кој се одлучуваше за овој ДУП. За него велат е срамен и поразувачки и одбиваа да присуствуваат на таков чин.
„Едно е да се носи ДУП заради содржини од интерес на жителите на општината, а друго е да се носи ДУП во интерес на приватен капитал, а чувството е дека утре ќе се случи токму тоа“, гласи нивната реакција.
Тие тврдат дека до нив стигнале закани дека ако не гласаат, ќе бидат кривично гонети, како и тоа дека општината ќе била финансиски заглавена.
„Ние не го сменивме ставот и тој е јасен: НЕ за ДУП З04 блок 05!“, стои во нивната реакција.
Причината поради која се противат на овој ДУП, од Независни за Карпош наведуваат дека бензинска пумпа не смее да има. Според нив, ниту има потреба, ниту пак смее да има во заштитна зона на бунарски ситем и во близина на гасоводна траса.
„Улица која би била сервисна за соседниот блок од згради не треба да има затоа што не требаат ни тие згради. Дали би била тука или во друг блок е споредно во однос на потребата за неа“, појаснуваат понатаму во нивната реакција.