Општина Карпош ја зголеми цената за престој во градинка од 1.500 на 2.000 денари месечно

Со одлука на советниците во општина Карпош, цената за престој на дете во градинка, што ја плаќаат родителите што живеат во оваа општина, е зголемена од 1.500 на 2.000 денари месечно. Како што објаснуваат од општинатa, предлогот за зголемување на цената за 500 денари бил инициран од директорките на детските градинки во оваа општина кои веќе подолго време алармирале дека со галопирачкиот пораст на трошоците на прехранбените производи опаднат e и квалитетот на исхрана во градинките што влијае на развојот на дечињата, пренесува агенцијата Мета.мк.

„На седница на Совет, на 8 октомври лани, мнозинството советници од општина Карпош ја изгласаа одлуката за утврдување на цените на услугите за престој во сите Јавни установи, општински детски градинки на територија на локалната самоуправа. Според Одлуката за програмата за целодневен престој во градинките на дечињата до шест годишна возраст, е утврден месечен паричен надомест од 2.000 денари. Истите парични средства, (2.000 денари) се потребни за покривање на трошоците за престој и исхрана и за дечињата од шест до десет годишна возраст“, информираа oд општината.

Состојбата со зголемените трошоци на храната општинарите ја анализирале и веќе подолг период институционално се дебатирало за оправданоста од донесување на ваква одлука, чија крајна цел, како што велат во општината, е подигнување на квалитетот на престој на децата во предучилишните установи.

„По сумирање на сите аргументи, советниците на општина Карпош одлучија да го дадат својот глас за гореспоменатата одлука“, додаваат од општината.

Во други скопски општини со кои контактирала Мета.мк, засега нема одлука за зголемување на цената за престој во градинка, иако, некои од директорите со кои поразговарале, коментираат дека е потребно истата да се зголеми бидејќи парите едвај им стасуваат да се набави храна, средства за дезинфекција, како и да се платат сметки за парно, струја и за вода.

„Според член 191, став 2 од Законот за заштита на децата, износот на висината на цената ја утврдува Советот на Општината по предлог на управниот одбор на јавната установа за деца. Станува збор за месечна цена во износ од 1.490 денари, која во последните 20 години не е променета, а со тие средства се покриваат трошоците за храна и други тековни потреби на дечињата“, велат од општина Аеродром додавајќи дека засега не е предвидено покачување на цената за престој.

И во градинките во општина Центар нема промена на цената за градинка, односно родителите плаќаат месечен износ од 1.490 денари.

Во Министерството за социјална политика, демографија и млади, појаснуваат дека општината како основач на градинките, има право да ја зголеми сумата ако смета дека за тоа има потреба.

„Врз основа на член 191 став (2) од Законот за заштита на децата, цените на услугите што ги дава Јавната установа за деца основана од општината и градот Скопје, односно од општината и општината во градот Скопје и износот на надоместок на трошоците за престој во јавната установа за деца, што паѓа на товар на родителите чии деца ги користат нивните услуги, ги утврдува Советот на основачот на предлог на Управниот одбор на Јавната установа за деца. Основа за уплата на родителите е цената на програмата во која е вклучено детето“, велат во МСПДМ.

Инаку, со парите што ги плаќаат родителите од 1.490 денари месечно, одговорните во градинките ги покриваат трошоците за дезинфекција, за парно, струја, вода, купуваат дидактички материјали.

Мета.мк