Општина Охрид е задолжена да превенира градежни работи на местото на поранешниот ресторан „Парк“ во Охрид, кој пред неколку денови беше срушен, а каде се планира изградба на хотел, информираат од Министерството за култура, по денешната седница на Владата. Во рок од два дена, општината треба до Владата да достави и Информација за важноста на одобрението за градба на локацијата.
Истовремено, како што информираат, Владата ги задолжила сите надлежни министерства и инспекторати, во взаемна и постојана комуникација и преку давање стручна помош да ги решаваат проблемите со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион.
„Околу актуелните случувања на локацијата на поранешниот ресторан Парк, а во насока на заштита на крајбрежјето на Охридското езеро, Министерството за транспорт и врски во рок од два дена ќе формира стручна комисија која ќе изврши увид во работата за Општина Охрид за процесот на издавање/спроведување на одобрението за градење на локацијата и за своите наоди да ја извести Владата на нејзината наредна седница“, информираат од Министерството за култура.
Владата донесе и заклучоци сите стручни дејствија кои се содржани во Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион да се реализираат во соработка и со претходно мислење од Националниот конзерваторски центар во Скопје.
„Со цел, координирано одвивање на активностите за заштита на културното наследство во Охридскиот регион, Управата за заштита на културното наследство актите ќе ги издава по претходно мислење на Министерството за култура. Заради обезбедување на стручност, Министерството за култура ќе формира комисија составена од докажани експерти за заштита на културното наследство која ќе дава стручна помош за мислењата и за актите изготвени од Управата за заштита на културното наследство“, стои во соопштението.
Тие велат дека и Владата им укажала на општините Охрид, Струга и Дебарца, одобренијата за градба да ги издаваат со извод од ДУП и од Планот за управување со Охридскиот регион.
„Општините Охрид, Струга и Дебрца до донесувањето на новите урбанистички планови кои ќе бидат усогласени со Планот за управување, изградба на објекти или преземање на мерки на непосредна заштита со кои се нарушува интегритетот на културното наследство на Охридскиот регион, задолжително да се врши со издавање на заштитно-конзерваторски услови“, стои во соопштението на Министерството за култура.
Инаку, министерката за култура и претседателка на Националната комисија за УНЕСКО, Ирена Стефоска пред неколку дена рече дека општините Охрид и Струга очигледно немаат волја за заштита на светското природно и културно наследство впишано во УНЕСКО. Оттука, таа порача дека пред Владата ќе иницира да се разгледа можноста за одземање на ингеренциите на овие општини.
Нејзината реакција дојде по градежните активности кои почнаа да се одвиваат на местото на поранешниот ресторан „Парк“.
Од граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ претходно пак поднесоа барање за итен инспекциски надзор, поради како што рекоа, прекршувања на одредби од Законот за градење што претставуваат кривични дела според Кривичниот законик.