Кризните штабови на општините Струга и Кичево по состаноците во текот на вчерашниот ден поднеле барања до властите да им се одобри одложување на почетокот на учебната година поради сериозната ситуација со ширењето на коронавирусот во нивните локални заедници.
Од Општина Струга соопштија дека анализите на надлежните здравствени власти покажале дека секој четврти тест на Ковид-19 е позитивен на вирусот, па поради тоа бараат пролонгирање на почетокот на учебната година од 20-ти септември, додавајќи и дека училиштата не се подготвени за онлајн настава.
„Се јавија предлози за почеток на наставата преку онлајн предавања, но директорите на основните, а и средните училишта потенцираа дека во моментов не се подготвени за таков вид настава, особено средното стручно училиште. Од тие причини, поврзани со епидемиолошката состојба во Струга, а и моменталните организациски услови во училиштата, при што доколку би имало настава учениците би биле во постојан контакт, особено на големите одмори каде заеднички се дружат, купуваат храна и го користат транспортот оние ученици кои патуваат од руралните средини што би било од негативно значење за нивното и здравјато на наставниот кадар. За таа цел се поднесе барање до Влада на РСМ; Министерство за образование и наука; Министерство за здравство и Комисија за заразни болести за пролонгирање на почетокот на учебната година во општина Струга“, соопштија од Општината.
Истовремено, градоначалникот на Општина Кичево, Фатмир Дехари, побара одложување на учебната година или настава од далечина одреден период.
„Следејќи ја внимателно состојбата со пандемијата во градот Кичево, денеска Кризниот штаб на одржаниот состанок ги разгледа барањата на Советите на родители од основните и средните училишта, со што одлучивме да се обратиме до Комисијата за заразни болести со барање за одложување на почетокот на учебната година или одржување на наставата од далечина во одредено време. Го чекаме одговорот од надлежните органи, со надеж дека нашето барање ќе биде прифатено и со ова ќе го ублажиме ширењето на вирусот кај жителите на Кичево“, соопшти Дехари преку Фејсбук.
Изминатава недела пролонгирање на почетокот на учебната година со физичко присуство беше одобрен за средните училишта во општините Тетово и Гостивар, а одложување на наставата со физичко присуство побараа и од Општина Маврово и Ростуше.