Светот е соочен со сериозните последици од климатските промени кои стануваат се поочигледни и се потешко да се избегнат. Земјите во развој како нашата се особено погодени поради неможноста финансиски да се справат со загубите и штетите. Токму поради тоа мораме да планираме прилагодување на сите сектори на општеството со цел подобро справување со новонастанатите климатски услови, истакнуваат од неформалната мрежа Коалиција за клима и неформалната мрежа за следење на преговорите со ЕУ за Поглавје 27 – Платформа 27, по повод Светскиот ден на суши и опустинување.
Во соопштението, тие истакнуваат дека според извештајот на „Germanwatch“, продолжените топлотни бранови биле најголемиот причинител за човечки жртви и штети во 2018 година.
Истовремено, наведуваат дека само во Германија топлотните бранови меѓу април и јуни 2018 година биле причина за 1.246 смртни случаи. Исто така, 70% од почвата била погодена од суша до октомври 2018 година, а притоа најмногу на удар се здравјето на луѓето и производството на храна.
„Климатските промени сè се поприсутни на полињата, родот е со се помал квалитет, а сведоци сме на целосно уништени посеви или овоштарници во зависност од тоа каде ќе зафати невремето. Но и покрај ова, над 90% од земјоделците сметаат дека државата треба да го реши проблемот со климатските промени и не превземаат активности за прилагодување кон климатските промени сметајќи дека тоа се премногу скапи процеси, а и нема кој да ги води низ процесот, односно досега немало посебна стратегија за адаптација на земјоделството кон климатските промени, а во последната Национална стратегија за земјоделство и рурален развој за прв пат се споменуваат одредени мерки и активности за прилагодување на земјоделското производство кон климатските промени“, вели Лилјана Јоноски, извршна директорка на Рурална Коалиција.
Менде Трајковски од Сојузот на пчеларски здруженија на Македонија вели дека во пчеларството најмногу се чувствуваат климатските промени.
„Последните неколку години добиваме минимални количини на мед, а во одредени региони нема воопшто никакви приноси, па доведено е во прашање и самиот опстанок на пчелните семејства“, додава Трајковски.
Според проекциите за екстремните временски настани изработени во рамките на Четвртиот национален план за климатски промени, од неформалните мрежи посочуваат дека земјава во иднина ќе се соочи со потопла и посушна клима, односно дека се очекува зголемување на топлите екстремни настани и намалување на студените екстремни настани.
Исто така, тие наведуваат дека очекуваното намалување на летните врнежи и продолжувањето на времетраењето на последователните сушни денови ќе го зголемат ризикот од суша. Со ова, како резултат на потоплите временски услови, додаваат дека должината на вегетацискиот период ќе се зголеми во просек.
„И покрај ова, нашата држава сѐ уште нема национален план за прилагодување на земјата кон овие нови услови на живеење предизвикани од климатската криза. Ваков план би требало да обезбеди една институција, која ќе биде одговорна за координација на активностите за прилагодување кон климатските промени, наместо растуреност и дисперзија на надлежностите помеѓу повеќе институции како што е тоа случајот во моментов. Овој план ќе мора да обезбеди и силен систем за координирање и комуницирање помеѓу власта и општините, бидејќи целиот товар за обезбедување спроведување ќе падне токму на нив“, вели Елена Николовска од „Еко-свест“.
Согласно специјалниот извештај за клима и здравје на Светската здравствена организација од 2019, земјите се повеќе го приоретизираат здравјето на луѓето и климатските промени и дури половина од прашаните се изјасниле дека имаат стратегија или план или стратегија за здравство и климатски промени, се додава во соопштението на мрежите.
„Загрижувачки само 38% од нив имаат испланирано финансиски средства за најмалку делумна имплементација на овие планови, додека помалку од 10% насочуваат ресурси за целосна имплементација. Само 48% од државите имаат направено проценка на климатските ризици по јавното здравство. Ние имаме Стратегија за адаптација на здравствениот сектор кон климатските промени која престанала да важи во 2015, оттогаш нема никаков плански документ за прилагодување на здравствениот сектор кон климатските промени, иако пандемијата покажа дека токму овој сектор мора да биде приоритетен“, се додава во соопштението.
Бојана Станојевска Пецуровска од Центарот за климатски промени посочува дека топлотните бранови се тешки да се предвидат бидејќи недостасуваат многу потребни информации од земјите.
„Потребни се бројни метеоролошки податоци за многу параметри и современи метеоролошки станици со цел навремено информирање и превенција со цел да се заштитат луѓето и производството на храна. Од друга страна урбанизацијата и искористувањето на земјиштето, губењето на шумскиот фонд и пожарите играат огромна улога во зачестувањето на топлотните бранови. Во нашата држава во моментов имаме нагорен тренд на грабање на земјиштето и ресурсите кои треба да ги штитиме“, вели Станојевска Пецуровска.
Поради ова, тие бараат од централните власти да го забрзаат процесот на планирање на адаптацијата кон климатските промени и во сите активности да се вклучат локалните власти, а целиот процес, како што додаваат, да биде транспарентен и да овозможи активна вклученост на сите граѓани.