51 нов случај на ХИВ/СИДА имало во 2024 година, заклучно со 27 ноември. Тоа во проценти е 10,9% повеќе од истиот период во 2023 година, информира Институтот за јавно здравје. Иако Македонија се смета за земја со ниска преваленца на ХИВ, во последните години има нагорен тренд во бројот на случаи. Од друга страна, во последните години има сè помалку пари од државниот буџет за превенција на ХИВ.
Предлог-буџетот за 2025 година предвидува 90 милиони денари за Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција за 2025 година. Здружени организации кои сега дејствуваат преку Платформата за ХИВ пресметаа дека за лекови и за да се одржи сегашното, како што велат, минимално ниво за услугите за превенција се потребни 130 милиони денари. 109 за лекови и 21 за одржување на услугите.
Според нив, ваквиот буџет нема да е доволен за да обезбеди соодветна терапија за сите пациенти вклучително и оние кои ќе бидат дијагностицирани во текот на 2025 година.
„Додека мерките за превенција целосно би се укинале доколку буџетот не се коригира“, апелираа организациите на прес-конференција пред Владата минатата недела.
Предлог-буџетот по периодот на амандмани, вчера (10 декември) беше усвоен од Собранието. Документот сè уште не е јавно објавен, но според одговорите што Радио МОФ ги доби во петокот, Владата и Министерството за здравство смируваат дека нема промена во ставката на Програмата која се однесува на терапија.
„Што значи пациентите и понатаму ќе ја добиваат потребната терапија“, гласи идентичниот одговор кој стигна до нашата редакција.
Тие не одговорија на нашите конкретни прашања дали 90 милиони денари се доволни да се обезбеди терапија за сите, вклучително и новите случаи кои ќе бидат дијагностицирани во 2025 година, како и дали овие пари ќе можат да ги покријат трошоците за мерките за превенција. Неодговорено остана и прашањето дали ако се изгласа овој буџет, се планира некаква пренамена за обезбедување дополнителни средства.
„Владата и Министерство за здравство се отворени за соработка со невладините организации и здруженија, во интерес на здравствената заштита за нашите граѓани“, кажаа кратко оттаму.
Застарена терапија
Од Платформата за ХИВ во која се здружени 13 граѓански организации и Црвениот крст на Република Северна Македонија минатата недела алармираа дека околу 130 пациенти примаат застарена терапија.
„30% од пациентите примаат терапија којашто веќе одамна не е препорачана од Светската здравствена организација и не е во употреба речиси никаде во нашиот регион, поради појавата на несакани дејства поврзани со централниот нервен систем, кои го попречуваат нивното секојдневно функционирање и го загрозуваат успешното лекување“, нагласија оттаму.
Доколку не се обезбедат неопходните минимум средства, што според организациите се 130 милиони денари, луѓето кои живеат со оваа инфекција ќе останат без основна здравствена заштита.
„А, ќе се укинат: услугите за доброволно и доверливо ХИВ-тестирање – стационарни и мобилни, 13 програми за намалување на штети од употребата на дроги во 13 градови, дијагностика на сексуално преносливи инфекции, мобилна гинеколошка амбуланта за жени од рурални средини и маргинализирани заедници и други“, алармираат оттаму.
Борбата за средства трае со години
Во април 2022 година Платформата за ХИВ организираше протест против Одлуката на Министерството за здравство да скрати дури 40% од буџетот во делот за заштита од ХИВ. Бројот на случаи во 2022 скокна дупло од 2020 година, но и покрај протестите на кои се алармираше дека кратењето може да доведе до ХИВ епидемија, средствата беа скратени.
„Превенцијата е најважен сегмент, ако потфрлиме тука, сме потфрлиле секаде. Најмногу страдаат пациентите и нивните партнери и семејства“, изјави за Радио МОФ кон крајот на 2022 година, тогашната директорка на Клиниката за инфективни болести, Милена Стевановиќ.
Скратените средства им ги врзуваат рацете на лекарите да спречат раст на ХИВ случаи во земјава
Сценариото се повторува и оваа година, кога, според организациите 440 лица се на терапија, а бројот во следната година се очекува да надмине 500 лица.
„Буџетот на Програмата за ХИВ изнесувал 95 милиони денари во 2018 година, кога се лекувале околу 200 пациенти со ХИВ, а сега истиот се предвидува да биде понизок во 2025 година, кога се очекува бројот на пациенти да надмине 500 лица“, пишува во писмото кое Андреј Сених од здружението „Заедно посилни“ го испратил до премиерот Христијан Мицкоски како и до министерот за здравство Арбен Тарвари.
687 случаи за 37 години
Од 1987 до крај на 2024 (заклучно со 27 ноември) во Македонија се регистрирани 687 случаи на ХИВ/СИДА. Кумулативно, од регистрираните случаи, 616 се од машки пол и 70 од женски пол. Високото пропорционално учество на машки лица во бројот на новорегистрирани случаи е тренд во изминатите 15 години.
Во периодот од 1987 до 2024 година 131 од дијагностицираните лица во Република Северна Македонија починале поради причини поврзани со СИДА, што претставува стапка на смртност од 19,1%, се наведува во Извештајот на Институтот за јавно здравје објавен на 1 декември по повод Светскиот ден за борба против СИДА.
Во 2024 година, од регистрираните случаи, 48 се од машки пол, 3 од женски пол. Просечната возраст на новите случаи е 36 години, а е во опсег од 22 до 59 година, 60,8% од случаите се на возраст од 20 до 39 години. Во 2024 година, регистрирани се 5 смртни случаи поврзани со СИДА.
Ангела Бошкоска