Се прават планови за одбележување на 50-годишнината од историскиот музички фестивал Вудсток, најави продуцентот и еден од организаторите Michael Lang, пишува Poughkeepsie Journal.
Lang, за весникот, потврди дека во тек се преговори со потенцијални партнери и различни локации се разгледуваат за фестивалот кој, според најавите, треба да се одржи во 2019 година.
Според Lang, Вудсток е најоригиналниот и најпознатиот фестивалски бренд. Тој додаде дека со ширење на фестивалот и возбудата околу него, можеби е време повторно да се одржи концерт под тоа име.
Фестивалот Вудсток ќе остане забележан како фестивал на хипи културата, собир на млади кои верувале дека со музика е можно да се смени светот и да се направи подобро место за живеење.. На фестивалот учествуваа голем број познати ѕвезди меѓу кои Janis Joplin, Jimi Hendrix, Sha-Na-Na, The Who.
Првичната замисла била фестивалот, одржан под слоганот „Да водиме љубов, а не војна“ да трае три дена како вид на протест против војната во Виетнам. Организаторите очекувале 50.000 посетители, а дошле над 500.000. За време на фестивалот, пет лица починале и две бебиња се родиле.
Години подоцна, во 1994 и 1999 година се одржаа уште два концерти со кои се одбележаa годишнини од оригиналниот концерт во 1969 година.