Со украдени идентитети и фалсификувани лични карти од Косово и Албанија се подигале пари од друштва во земјава кои нудат брзи кредити. Се краделе идентитети на невини граѓани, а меѓу нив и ментално попречени лица и иселени граѓани, открива новата истражувачка сторија и документарниот филм „Украдени животи“ на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ).
Една од жртвите е 44-годишна скопјанка која работи на две места за да не се задолжува. Таа за ИРЛ раскажува дека никогаш во животот не зела кредит. Меѓутоа, во мај 2023 година добила неочекуван телефонски повик во кој машки глас ѝ соопштил дека има долг во финансиското друштво „М кеш“. Ѝ се јавиле да ја потсетат дека доцни со исплатата на ратите за брз кредит земен во март 2023, односно два месеца претходно.
„На почетокот мислев дека станува збор за некаква грешка, но подоцна сфатив дека некој направил лажна лична карта и со моите податоци подигнал брзи кредити“, раскажа таа за ИРЛ.
Жртвата ангажирала адвокат преку кој се обидела да спречи присилна наплата со објаснување дека е измамена и оти случајот го истражува обвинителството.
„Шест од финансиските друштва одлучиле да ја паузираат наплатата на долговите додека трае истрагата. Единствено друштвото ‘СН финансии’ одлучило да го наплати долгот во целост иако Марија не зела пари од кај нив, туку тоа го сторил друг со лажна лична карта. Кога во декември 2023 година почнало извршувањето, на Марија ѝ ја блокирале банкарската сметка. Оттогаш почнала на рати да враќа пари за кредит земен од ‘СН финансии’ во висина од околу 30 000 денари. Друштвото пресметало дека треба да им врати трипати повеќе. Веќе платила 67 000 денари, но во мај годинава друштвото одлучило да ја паузира наплатата додека обвинителството и судот не докажат дека е измамена и оти не зела кредити таа, туку некоја измамничка со нејзина лажна лична карта“, пишува во сторијата на ИРЛ.
На почетокот на истражувањето, пред новинарите од ИРЛ воопшто да откријат како функционирале овие измами, дошле до контакт со Димитар Кратовски.
„Кога го сретнавме, Кратовски на почетокот на разговорот на новинарите им рече дека никогаш не бил вклучен во вакви измами, туку оти познава луѓе што го правеле тоа. Во видеоинтервјуто за ИРЛ, тој првично имаше улога на таен извор со заштитен идентитет. Но, по неколку месеци, додека нашето истражување сѐ уште траеше, самиот Кратовски стана осомничено лице на обвинителството во случајот со измамите. Ни рече дека најчесто податоците за измамените лица се добиваат од државни институции. Потоа додаде дека измамниците имале свои луѓе во многу институции, но и во банки. Раскажа дека лицата чии фотографии се на фалсификуваните лични карти не се од Македонија, туку најчесто доаѓаат од Србија или од Бугарија“, се вели во сторијата.
Сторијата и документарецот на ИРЛ покажуваат дека институциите потфрлиле целосно да ги заштитат личните податоци на граѓаните. Информации за матични броеви, адреси и кредитна и здравствена историја протекувале од дузина државни инстититуции. Исто така, измамничките шеми и предаторските пракси на продавниците за пари се резултат на речиси непостоечкиот надзор врз индустријата за брзи кредити. Само шест службеници од Министерството за финансии контролираат 220 подружници на 27 финансиски друштва.
„Податоците за задолжувањата во овие друштва каде што секој втор не може навремено да го врати кредитот, како и високата бројка на измами кои што друштвата ретко ги пријавувааат во полиција покажуваат дека државата ги игнорира криминалните, но и економските ризици од социјални немири. Недоволните човечки и финансиски ресурси на полицијата и обвинителството, неорганизираноста на институциите и постоењето на доушници на криминалните групи во самите институции покажуваат отсуство на политичка волја за заштита на граѓаните од измами, криминал и банкрот“, заклучуваат истражувачките новинари.