Шведската академија која ги избира добитниците на Нобеловата награда за литература соопшти дека го следи случајот против турскиот нобеловец Орхан Памук кој е под истрага за наводна навреда на основачот на модерна Турција во неговиот последен роман, пренесува српски „Евроњуз“.
Во краткото соопштение академијата изрази очекување дека Турција ќе ги почитува своите меѓународни обврски и потврди дека го следи „третманот“ што Памук, добитникот на Нобеловата награда за литература во 2006 година го има во Турција.
Турските власти покренаа истрага против Памук претходно годинава откако адвокат од Измир го обвини писателот дека во неговиот најнов роман „Ноќи на чума“ го навредил основачот на модерна Турција Мустафа Кемал Ататурк, со што ги прекршил законите кои го штитат споменот на таткото на турската нација.
Истрагата првично резултираше со одлука да не се поведе кривична постапка, но адвокатот поднесе жалба на одлуката и таа повторно беше отворена.
Орхан Памук и неговата издавачка куќа негираа дека во романот се навредува Ататурк.