На 8 април, со „Претстава со четири актери, неколку свињи…“ на истакнатиот косовски режисер Блерта Незирај, ќе биде отворено 10-то јубилејно издание на интернационалниот театарски фестивал „Лица без маски“.
Претставата која е работена според текстот на истакнатиот косовски писател и драматург Јетон Незирај, а во изведба на независната продукција „Кендра Мултимедија“ на ироничен начин третира актуелна политичка тема, за излегувањето на Велика Британија од Европската унија и апетитите на Косово за влез во организацијата.
Претставата го третира и иронизира прашањето за бирократизираната Европа, конфузниот свет на правилата и прописите, во стилот на Орвеловото промислување на светот.
Токму орвеловиот свет е присутен на годинешната програма на фестивалот „Лица без маски“.
Покрај косовската претстава, на програмата годинава е и претставата „Фармата“ работена според култниот роман на Џ. Орвел, во изведба на италијанскиот театар „Софиа Амендолеа“, а тука се и гостите од Русија, „32. Физички театар“, кои годинава ќе настапат со претставата „Ноќта на огнот“, бугарската веќе хит претстава „Се` на масата“ , од Ч. Буковски, а во режија на Ана Батева, кои исто така ги третираат актуелните општествени околности на глобално ниво.
По повод јубилејот, годинава покрај интернационалната програма на наше огромно задоволство имаме и македонска независна продкуција која кореспондира со начелата на независниот и алтернативен театар. Македонската публика ќе има можност да ги проследи и претставите: „Да ми го поздравиш и бациш“, во режија на Билјана Радиноска, а во изведба на независниот театар „Артопиа“, „Скршена стомна“ на Софија Ристевска и „Интимен театар“ од Битола и комедијата „Прво ќе ме земеш, после ќе ме…“ на Ѓорѓи Ризески, во изведба на независниот „Крик“ театар од Скопје.
Како и во изминатите години, така и на 10 јубилејно издание, претставите ќе ги оценува три члено жири кое ќе треба да ги додели наградите за: Најдобра претстава во целина, најдобра режија и Најдобро актерско остварување.
По повод јубилејот, организацијата на фестивалот ќе организира и дополнителна придружна програма на работилници и музички концерти.
Фестивалот ќе се одржува на сцените на: Драмскиот театар, Театар Комедија, Дом на АРМ и „Малата сцена“ при Ј.У. Конгресен центар „Александар Македонски“ од Скопје.