Оштетена македонската амбасада во Украина при ракетни напади на руската армија врз Киев

На македонската амбасада во Киев е причинета материјална штета, а направен е и првичен преглед на штетите на лице место и се работи на нивно санирање, по денешните ракетни напади на руската армија врз Киев, соопшти Министерството за надворешни работи (МНР).

При нападот, како што соопштија, нема повредени меѓу дипломатскиот персонал, а од МНР најостро ги осудија нападите.

„Воедно, информираме дека при нападот е погодена и критичната инфраструктура во Голосеевскиот реон, вклучително и зградата каде што се сместени шест амбасади, меѓу кои и Амбасадата на Република Северна Македонија во Киев“, посочија од МНР.

Министерот за надворешни работи на Чешка преку X сподели фотографии од оштетувањата на Чешкиот центар кој се наоѓа во истата зграда со македонската амбасада.