Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ годинава ќе се одржува од 20 до 27 август во Битола. Ова издание ќе трае подолго – осум денови во кои ќе се прикажуваат 14 играни филмови, 12 во кратката програма, се враќа документарната програма и студентската програма, а повторно е најавен и специјален гостин.
„Годинава имаме добитник, симболот на „Браќа Манаки“, имаме исклучителен добитник, што се смета за пионер на дигиталната камера и е првиот оскаровец кој добил Оскар за филм снимен со дигитална камера, а тоа е господинот Ентони Дод Ментл кој е снимател на филмовите на Ларс фон Трир, на Дени Бојл, и бројни холивудски филмови. Сестран кинематографер со документарни остварувања на дигитални долгометражни, краткометражни филмови. Како и браќата Манаки вистински пионер во својата област. Тој ќе ни дојде и ќе биде гостин во Битола, ќе ја прими наградата која е симболот и знакот на нашиот фестивал“, истакна на денешната средба со новинарите директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, Сименон Мони Дамовски, која се одржа во хотел Парк.
За дел од долгометражната програма информираше селекторот Слаѓан Пенев. Оваа година ќе има 14 филмови, ќе биде многу голема гужва во тие осум дена, ќе има и по три филмови во еден ден во големата сала на Домот на културата. Тој се надева дека домашната и странска публика ќе биде задоволна од изборот, а фестивалот ќе го оправда името кој го носи на браќата Манаки.
„Од тие 14 филмови најмногу доаѓаат од канскиот фестивал, го имаме победникот на Кан годинава, берлинскиот, а и еден од победниците на Карлови вари ќе биде овде. Рјусуке Хамагучи е еден од најбараните, автор на ‘Вози ја мојата кола’, филмот кој учествувапе на сите важни светски фестивали, добитник на бројни награди. Ќе го имаме и канскиот победник ‘Триаголник на тагата’, е филм кој никого не остави рамнодушен. Тоа е еден радикален филм, на ниво на социјален експеримент. Третиот филм е победникот во Берлин, добитник на ‘Злата мечка’, кој е една прекрасна социјална приказна, одлично визуелизирана, филм од тлото на оние што се губитници во целата ситуација не само со пандемијата, туку со големите промени на глобално ниво. Годинава ќе има премиера на наш филм, на Кристијан Ристевски, ‘Снежана на крајот умира’. Тој веќе играше на ‘Слемденс’ и заслужува да биде и на нашиот фестивал. Вториот филм е ‘Мими’, имаше премиера на ‘Синедејс“, вреди и треба да биде на нашиот фестивал. Ова е место на кое треба да се промовираат и наши филмови“, рече Пенев.
Директорот Дамевски потенцираше дека Фестивалот овие две години се фокусира на пионерската работа.
„Веруваме дека треба да ги чествуваме оние кои се пионери во кинематограферската работа, луѓе гои отвараат нови видици, визии, естетики, луѓе кои се општествено ангажирани, се обидуваат да зборуваат преку таа визура и своите естетики за се она што се случува во светот, луѓе кои овој фестивал ќе го доживуваат како семејство, оти ИФФК ‘Браќа Манаки’ е семејство за кинематограферите“, истакна Дамевски.
Селекторката на документарната програма, Кумјана Новакова смета дека ИФФК „Браќа Манаки“ е многу важен фестивал за виталноста на нашето општество.
„ИФФК ‘Браќа Манаки’ како фестивал со најдолго искуство и традиција има некако посебна одговорност да биде простор на промени и простор на креативна храброст. Овие два концепти го дефинираат и програмскиот концепт на документарната натпреварувачка програма оваа година. Програмата е простор на промени зошто 70 проценти ги потпишуваат жени, односно женскиот сензибилитет отвора нов израз и претставува промена на традицијата со која сакаме да раскинеме. Од друга страна простори на креативна храброст затоа што со селекцијата влегуваме во доку фикцијата и на хибридните филмски јазици“, рече Новакова.
Таа ги издвои „Три минути продолжување“ и „Фабриките на работниците“, а соопшти и дека жирито на документарната програма е составено од жени.
Марија Апчевска, селектор на кратката програма на на Фестивалот, рече дека е ставен фокусот на кратки филмови кои имаат извонредна фотографија, бидејќи кинематограферот е значаен за наративот филмот.
„Имаме селектирано 12 филмови од цел свет. Особено ми е задоволство што во изборот имаме и филмови кои се снимени од жени кинематограферки, бидејќи тоа е сеуште поле во кое доминираат кинематограферите. Имаме и наши домашни македонски филмови, тоа е традиција која ја негуваме во сите програми. Тоа се филмови кои веќе биде на светски фестивали, наградувани се, но и имаме нови гласови, филмови на режисери и кинематографите чие време допрва доаѓа, а тие во Битола ќе уживаат на нашиот фестивал“, истакна Апчевска која рече дека посетителите ги очекува одлично издание.
Според неа, минатата година имаше фестивал кој се случуваше наспроти се’ и тоа беше слоганот на изданието. Годинава, пак, вели таа, благодарение главно на битолчани и како финансиски поддржувачи и како ангажирани околу реализацијата на Фестивалот, тој е дефинитивно и конечно битолски.
Ѓорѓи Пулевски, селекторот на студентската програма, посочи дека годинава околу педесеттина студенти од повеќе светски академии за филм доаѓаат во Битола на фестивалот и ќе присуствуваат на мастер класовите, проекциите…
„Задоволство ми е што го најавувам враќањето и надградувањето на студентската програма која ја нарекуваме ‘Први чекори’. Тоа е една визија на фестивалот кој е една покдовна точка на младите кинематографери, им даваме елан, инспирација и препознавање на нивниот квалитет и талент. Ако претходно студентската програма имаше регионален карактер, сега е проширена. Втората поважна промена е трансформацијата на студентската програма од ревијален во натпреварувачки карактер. Избравме 18 филмови од 17 земји во селекцијата од најголемите филмски академии од Лондон, Виена, Полска, Чешка, Минхен, Мадрид итн. Ќе одлучува интернационално жири, а најдобриот кинематографер ќе добие кристална камера 300“, рече Пулевски.