Годинашен лауреат на наградата „Златна Камера 300“ на „Браќа Манаки“ за животен опус е полско-американскиот кинематографер Јануш Камински, додека Столе Попов е прогласен за „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, награда која ја доделува Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ).
Ова беше соопштено на денешната прес-конференцијата посветена на одбележувањето на 41-то издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, кое поради пандемијата нема да се одржи како фестивалско издание, туку ќе се одбележи со централен настан во Битола и одредени онлајн активности.
„Ковид-19 не’ затекна сите и сите ги живееме поседиците од оваа катастрофа, така е и со фестивалот ‘Браќа Манаки’. Фестивалот е основен приоритет на Друштвото на филмски работници и Управниот одбор одржа седум состаноци низ кои ја следевме состојбата кај нас, и уште повеќе во светот со нашата фела и со останатите фестивали од висока категорија, бидејќи ‘Манаки’ е изграден по урнек на фестивалите од А категорија и оттаму главно ја црпи и својата програма. Кан оптимистично најавуваше дека ќе се случи фестивалот, но тоа на крај не се случи. Карлови Вари и Локарно целосно ги откажаа своите фестивалски
изданија. Имајќи ја предвид спецификата и естетскиот профил на нивните програми тие фестивали од кои ‘Браќа Манаки’ ја црпи и својата програма. Размислувавме дали добиените пари од државата да ги потрошиме за некаква онлајн верзија како што тоа го прават некои помали фестивали, без притоа да имаме собирање и проекции во Битола или да го откажеме и да направиме едно скромно обележување“, изјави Игор Иванов, претседател на ДФРМ.
Иванов посочи дека е непримерно да се пуштаат филмовите онлајн и да се оценува уметноста на филмската камера, додавајќи дека во вакви услови, фестивалот е невозможно да биде прослава и славење на филмската уметност, кога филмаџиите не можат да се соберат во Битола.
Директорката на фестивалот Гена Теодосиевска најави дека покрај тоа што фестивалот ќе се одбележи со доделување на овие две највисоки награди, Македонската телевизија ќе прикаже по еден филм од добитниците на наградите, но и дека ќе бидат организирани и две онлајн работилници со добитниците на наградите и со членовите на Меѓународната асоцијација „Имаго“ во која членува и ДФРМ.
Теодосиевска се надева на овој начин ќе се оддаде почит на сите пред нив кои направиле нешто за, како што рече, овој најстар и најзначаен фестивал.
„ДФРМ и јас се согласивме дека не доаѓа предвид на интернет да се прикаже компетитивна селекција заради фактот што не е професионално да се оценува креацијата на кинематограферите со следење на филм на компјутер. За да се оцени визуелната структура на овие филмски уметници на кои им е посветен овој фестивал потребно е големото платно и пријатниот кино мрак. Овој фестивал е специфичен по својата суштина, ИФФК ‘Браќа Манаки’ е основан токму заради вреднувањето на работата на филмските работници, токму на оние кои со својата камера го исполнуваат тоа филмско платно“, потенцираше Теодосиевска.