Во Центарот за култура во Битола, синоќа се отвори 35. издание на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“. По гламурозниот црвен килим, кој годинава привлече рекорден број публика, новинари, фотографи и сниматели, директорката на фестивалот Лабина Митевска им посака добредојде на посетителите на јубилејното издание:
-Уште едно возбудливо издание е пред нас, 35-тото, јубилејно издание. Како организатори, се потрудивме да напредуваме повторно во организациска, артистичка и професионална смисла, но пред сe максимално се вложивме да бидеме добри домаќини на многу почитуваните гости.
-Вечерва со нас се тројца извонредни уметници, неверојатни професионалци и пред сe големи луѓе. Лука Бигаци, ви благодарам што сте со нас, вие сте предводник на новата италијанска и европска кинематографија. Крис Менџис, благодарам што прифативте да дојдете во Македонија, голема иснпирација сте за сите нас, вие сте легенда на која и’ се поколонуваме. Жилиет, и’ направивте голема чест на Македонија, ви благодариме за секоја ваша ролја! И секоја нова со нетрпение ја исчекуваме, рече Митевска.
Фестивалот за отворен го прогласи претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов кој рече дека вечерашнава приказна е започната уште пред еден век кога двајцата браќа од Битола купија филмска камера и благодарејќи на нивниот завет, Македонија веќе 35 години е организатор на најстариот фестивал посветен на кинематограферите.
Според востановената традиција, отворањето беше одбележано со врачувањето на наградата за животно дело која годинава му припадна на еден од најдобрите британски и светски кинематографери, Крис Менџис, кого го нарекуваат големиот маг на светлото.
“Златната камера 300“ на Менџис ја врачи претседателот на Друштвото на филмски професионалци на Македонија, Роберт Насков. А оскаровецот Менџис рече дека наградата во Битола за него е голема чест.
-Ви благодарам, голема чест е да се добие оваа награда, особено од држава која ја вреднува работата на кинематограферите. Би сакал да ја посветам оваа награда на сите учители, што сите нас нѐ научија за филмот, рече Менџис
На годинашниот добитник на специјалната „Златна камера 300“ виртуозот на филмската камера, Лука Бигаци, наградата му ја врачи градоначалникот на Битола, Владимир Талевски.
-Среќен сум што сум тука, зашто Македонија ги сака филмовите, а Битола многу ги сака кинематограферите, рече Бигаци.
На годинешната ѕвезда на фестивалот и една од најдобрите актерки во светот, Жилиет Бинош, наградата „Златна камера 300“ и’ ја врачи претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов.
Таа се заблагодари и рече дека сака да говори и во име на кинематограферите, чиј труд често пати останува непризнаен.
-Првата врска помеѓу нас актерите и публиката е токму кинематограферот. Кога сте на сет и кога ќе заврши некоја сцена, првиот гледач, првиот одговор за она што сме го направиле е токму кинематограферот. Навистина многу им се восхитувам, зашто нивните избори, навистина го прават филмот, зашто секогаш изнаоѓаат посебен филмски јазик, рече Бинош.
Таа говореше и за нејзиниот мотив да се занимава со филмската уметност.
-Потрагата по вистината е причината заради која го правам сето ова. Можноста да трагам и да ја допрам таа вистина, рече Бинош.
Публиката во Центарот за култура во Битола, на нозе ја поздрави големата актерка Жилиет Бинош а таа одговори со солзи на очите. Потоа гледачите со внимание го проследија филмот Облаците на Силс Марија, прикажан во чест на ѕвездата на фестивалот.
Годинава, дел од свеченото отворање на фестивалот беше Сашко Костов, како дел од традицијата секоја година да се претстави по еден млад македонски музички талент.
Пред свеченото доделување на наградите, на коктелот во хотелот Епинал, на ѕвездата на фестивалот Жилиет Бинош, директорката на фестивалот, Лабина Митевска и’ подари икона со ангелот на Св. Софија, а директорот на Агенцијата за филм на Република Македонија, Дарко Башески на актерката и’ подари гердан со македонски рубин, соопштија од ИФФК Браќа Манаки.