Пуштени се петмината активисти кои доцна попладнево беа задржани од обезбедувањето на Министерството за животна средина, во текот на нивната герила акција на ставање црвени отпечатоци од дланки на вратите на оваа институција. Четворица од нив беа пуштени откако полиција им зема податоци, а една малолетна активистка беше однесена во полициската станица Беко за да се обезбеди присуство на родител.
Радио МОФ побара коментар од МВР за случајот. Од Министерството за животна средина пак посочија дека немаат информации за случајот и упатија кон МВР.
Активисти на „Fridays For Future“ за време на петочната герила акцијата со црвена боја ставаа отпечатоци од раце на вратите на Министерството, кога им пријде обезбедувањето и ги внесе внатре во објектот. На просторот пред Министерството тие со црвена боја испишаа „Крвта на вашите деца“, со што побараа оваа институција да преземе одговорност за, како што велат, „секоја проплукана крв од искашлување од рак на плуќа, за сите респираторни болести на новороденчиња“.
„Делува малку морбидно, не морбидно, пресилно, нагласено, но сакаме да биде така затоа што го сметаме ова за руски рулет, кој што во секој момент тебе може да ти се погоди ‘куршум’. Во таква ситуација загадувањето и ефектите од климатските промени не бираат по приход по статус и потребно е соочување со фактите и проблемот“, изјави за Радио МОФ Иво Босилков, дел од „Fridays For Future“ пред почетокот на акцијата.
M.K.
J.J.