Од 12 до 16 април, на сцената „Потковица“ во Универзална сала, ќе се одржи шестото по ред издание на Интернационалниот театарски фестивал „Лица без маски“, кој годинава ќе се одржи под мотото „Ослободи се!“.
„Оваа година, се потрудивме да дадеме посебен печат на визуелниот идентитет на фестивалот, што во целост кореспондира со мотото „Ослободи се!“, кое е метафора за потребата од умствено и ментално релаксирање од сите стеги што го мачат денешниот современ човек, како што се најбаналните расправии со соседот, турските серии, вестите на телевизиите итн. Во соработка со „Пластик арт“ на Филип Тасевски и Борјан Сандревски, ја реализиравме идејата со борба низ платно, како метафора на слоганот, изјави директорот на фестивалот, Миодраг Костиќ.“
Годинешната програма е посветена на независната професионална сцена од светот.
По пристигнатите 70-ина апликации, селекторот на фестивалската програма Игор Ивковиќ, се одлучил за исклучително авангардните и жестоки театарски претстави меѓу кои: „Деволуција“, во режија на Петар Пашов, а во изведба на независниот театар „Атеље 313“ од Софија, Бугарија.
За прв пат во Македонија, ќе гостува и Академијата за театар од Рим, Италија, „СОФИЈА АМЕНДОЛЕА“, кои доаѓаат со нивниот најнов проект „Убиј ги децата“, во режија на Фабио Омодеи. Тука се и претставите на романскиот независен театар, „Создава. Глуми. Ужива“, кои во Скопје, ќе гостуваат со дуо драмата „Ова е твоето тело. Повели во моите мисли“, во режија на Александра Фелсеги. Покрај нив се уште и претставите „Рувензори“, од академскиот театар „Бранко Крсмановиќ“ од Белград, Србија, и полската претстава „Каменот на трпеливоста“, во изведба на Театар Западнија.
„Тоа се претстави во кои како ретко кога нашата публика ќе може да види што значи материјален театар, односно т.н. рециклиран театар, како производ на отпадоците кои ги оставаме ние луѓето зад себе. Ќе видиме претстави во кои доминира истражувачкиот и концептуален театар во кој доминира современата човечка свест, а исто така ќе имаме можност да патуваме преку театарските во нови простори на свеста и нашето постоење„ – изјави селекторот на фестивалот Игор Ивковиќ.
Свеченото отворање на 12 април, ќе биде со хит претставата „ФИЛМ“ – авторски проект на Саша Ефтимова, а во изведба на балетските танчери при Макеоднската опера и балет.
И годинава како и претходните изданија, на фестивалот ќе бидат доделени три награди и тоа: ГРАНД ПРИ награда за најдобра претстава во целина, Награда за најдобра режија и Награда за најдобра актерска игра.
Претставите оваа година ќе ги оценува стручно жири составено од: Васил Зафирчев, актер и уметнички директор на Велешкиот театар, новинарот и театарски критичар Сотир Трајков и актерот и пантомимчар Дарко Велјиќ.
Покрај официјалните вечерни претстави, во рамките на фестивалот секој ден од 12 часот, ќе се одржуваат театарски работилници предводени од гостувачките театари.
„Покрај театарските претстави и работилници, во програмата е застапен и музичкиот дел. Како куриозитет оваа година, на свеченото отворање на 12 април, концерт на „Мала сцена“ при Универзална сала ќе одржи македонскиот бенд „Калевал“, со почеток од 21:30“ додаде Миодраг Костиќ
Цената на билетите за секоја претстава изнесува 150 денари. Блок билети за сите претстави чини 500 денари, а за студенти со индекс, цената за една претстава на фестивалот е 100 денари.