„Ослободуење на Скопје 3“ вечер во „Олд скул“

Иницијативата Две гаражи вечерва, среда 13 ноември, во „Олд скул“ организира трет настан со името „Ослободуење на Скопје“, со цел да се одбележи празникот на главниот град.

„Поттикнати од лошата музика која се сервира на скопјани, другарите од двете гаражи веќе трета година по ред го организираат единствениот фестивал кој се оддржува на значајниот датум 13.11. денот на кој Скопје се ослободуе од окупаторските сили. Оваа година како и лани наидовме на разбирање и прием кај Зајче во ‘Олд скул’“, стои во најавата за настанот.

Од Две гаражи потенцираат дека настанот почнува во 19 часот со резидентниот диџеј Жолтиман.

„Оваа година со гордост ви најавуваме два бенда кои се во своите почетоци но звучат како прекалени борци: БИК и Малери. Честа на рапот од Скопје ќе ја бранат Максимус Вандал и Спаски. ‘Ослободуење на Скопје’ со гордост ви ги најавуе пионерите на скопскиот панк ‘Њу Полис Стејт’ со свој кус концерт, а вечерта на затворање го имаме Дре – прилепски емси и братот Неле Ски со својот најнов проект. Картите ќе се продаваат на врата по цена од 200 денари, а ќе имате можност да го поткрепите и братот Грицко во кутијата за донации која ја полниме три години. Ве чекаме да прославиме 80 години од ослободуење на Скопје со одлична алтернативна музика и братска дружба“, се вели во најавата за настанот.