Осмото издание на хардкор фестивалот „Востание“ ќе се одржи вечерва во Младинскиот културен центар (МКЦ) со почеток во 18:30 часот. На фестивалот ќе настапат шест бендови.
Еден од нив се металкор бендот „Malevolence“ од Шефилд, Англија кои се еден од најактуелните бендови на моменталната хардкор/метал сцена. Нивниот последен албум „Malicious Intent“ ги однесе на турнеи со „Mastodon“, „Lamb of God“ и „Trivium“, како и на некои од најголемите метал фестивали во светот.
На „Востание“ ќе настапи и белградскиот харкдор бенд „Reckoning!“ кој е составен од членови на „Hitman“, „Tibia“, „Unison“, „36 Daggers“ и „Deadrise“, а инспириран од метализираниот хардкор звук на 90-тите.
Младиот емо рок бенд од Скопје „Lost in Reverie“ се уште еден од бендовите кои ќе настапат вечерва. Тие од крајот на 2022 година посветено работат на својот деби албум „Flowers for Your Grave“, кој се очекува да биде објавен до крајот на оваа година. Во јуни тие го објавија својот прв сингл „Can’t See Your Face“, а наскоро пристигнува и нивниот втор сингл. Со уникатна мешавина на пост хардкор, метал и поп-панк елементи, „Lost In Reverie“ ги пренесуваат своите приказни и емоции на сцена.
Исто така, ќе настапи и шведско-македонски спој „Shadowork“ кои со сурова енергија, мрачни текстови и немилосрдни дет метал рифови, носат звук што не познава компромис. Бендот неодамна го издаде своето деби „Born From Cinder“ кое ќе го промовира на фестивалот.
Вечерва на „Востание“ ќе настапи и еден од најактивните грчки бендови последниве години „Malignant“. Тие веќе со деби албумот „With Daggers Between Our Teeth“ имаа прилика да свират по Балканот и Западна Европа.
Исто така, вечерва ќе настапи и „Primitive Dread“ кои имаат ново ЕП „Merciless Indifference“, деби плоча и европска турнеја со „Madball“, „Nasty“ и „Born From Pain!“.
Билетите за „Востание“ се достапни на следниов ЛИНК.