Осмото по ред издание на Меѓународниот театарски фестивал „Скупи фестивал“, ќе се одржи од 31.10.2014 до 06.11.2014, овој пат на сцената на Младинскиот културен центар, како и во Театар „Комедија“ – Скопје.
Почетокот на месец ноември ќе го одбележат 7 гостувања од 7 европски театарски куќи, кои се внимателно селектирани со цел да понудат богата, разновидна и интересна програма за љубителите на магијата на театарските штици.
Гостувачките театри доаѓаат од Швајцарија, Русија, Германија, Романија, Турција, како и од блиските соседи Албанија, Бугарија, копродукција помеѓу Србија, Хрватска и Словенија. Преставите опфаќаат теми кои варираат од социјални и политички актуелни теми, до лични проблеми кои допираат во сржта на човековото постоење.
Фестивалот ќе биде отворен со претставата „Сите птици се веќе таму“ – копродукција помеѓу Театарот „Шлахтхаус“ од Берн, Швајцарија и Театарот „Поколениј“ од Санкт Петербург, Русија, а ќе се затвори со претставата „Гробница за Борис Давидовиќ“, која ќе ја има својата премиера во Скопје токму на Фестивалот. Имено, „Гробница за Борис Давидовиќ“ е можеби најактуелната претстава која во моментов се прикажува на балканските простори, работена како копродукција на еминентните претставници на независната културна сцена на Балканот – Хартефакт Фонд и Битеф Театар од Белград, Србија; УО Ново Казалиште од Загреб, Хрватска; Mини Театар од Љубљана, Словенија; Задар Снова од Задар, Хрватска и ЦЗКод Белград, Србија. Дел од програма е и претставата „Градители на империјата или Шмурц“, во режија на Александар Поповски, продукција на театарот Хајал Пердеси од Истанбул, Турција.
Младинскиот културен центар оваа година ќе биде домаќин на Фестивалот на кој ќе се прикажат шест претстави, а во Театарот „Комедија“ во Скопје ќе гостува претставата „Јерма“ на Театарот на Бугарската армија, во режија на Диана Добрева.
Билетите во цена од 150 денари, како и блок-билетите во ограничена количина по цена од 650 денари, ќе можат да се купат на билетарницата на Младинскиот културен центар и на билетарницата на Театар „Комедија“.