Комисијата за заразни болести ќе препорача до Владата учениците во основните училишта да бидат ослободени од обврската за носење заштитни маски против Ковид-19, соопшти денеска на пресконференција претседателот на Комисијата, Александар Петличковски.
Тој информираше дека оваа обврска ќе остане иста за наставниците и техничкиот персонал во училиштата.
„Ако некој сака да носи маска, дома има возрасни членови на семејство, кои сака да ги заштити, не е забрането да носи маска. Но, задолжението, обврската ја укинуваме“, рече Петличковски, додавајќи дека за оваа нивна одлука имало дискусија и била донесена со големо мнозинство од членовите на Комисијата.
„Начинот на изолација останува ист. Оваа мерка која сега ја носиме е согласно епидемиолошкиот ризик. Во моментот, според тие параметри, според тие критериуми, се наоѓаме во зелена зона. Следењето на тие параметри продолжува активно и доколку видиме дека има било какво влошување на епидемиолошката состојба, или зголемување на епидемиолошкиот ризик, тогаш истите мерки, кои беа претходно, можат да се вратат на сила. Но, на ваков начин, постепено олабавувајќи ги мерките, согласно епидемиолошкиот ризик, доколку успееме да ја контролираме на терен епидемиолошката состојба, сметаме дека можеме да не се доведеме во ситуација во која се доведоа земјите како Германија, Австрија, Велика Британија и Данска, каде имаше нагло зголемување на бројот на новозаразени, хоспитализирани и починати“, додаде портпаролот на Комисијата, Злате Мехмедовиќ.
Дополнително од Комисијата препорачуваат капацитетот на исполнетост на затворени објекти, како што културните објекти, од 50% да се подигне на 75%, а до Владата ќе препорачаат и да се укине обврската за ковид-сертификати во отворените делови на угостителските објекти.
Комисијата за заразни болести претходно предложи сите факултети да се насочуваат кон настава со физичко присуство, поткрепена со вакцинирање на студентите и наставниот кадар.