Основното јавно обвинителство (ОЈО) отвори истрага за упадот во Собранието, каде беа нападнати пратениците. Неофицијално од извори во МВР, НоваТВ дознава дека предметот кој се водел како „обид за убиство“ и бил одземен на обвинителката која требала да го води случајот и тоа од страна на обвинителката Гордана Гешковска и е доделен на неколку други обвинители, по нејзин избор.
Од Нова дознаваат дека наместо дело „обид за убиство“, постапката ќе се водела како дело „учевство во толпа“ што ја намалува тежината на делото. Викендов се очекува да бидат сослушани полицајците како оштетени, а приведените биле пуштени дома.
МВР во текот на денот приведе осум лица за нападот во Собранието. Повеќе детали за приведените не се соопштуваат.
Инаку, ОЈО досега не излезе со поконкретни информации околу насилниот упад во Собранието и насилството врз пратениците и новинарите. Единствено, ден по нападите (28 април), преку соопштение до јавноста рече дека „будно ги следи настаните, постојано комуницира со МВР и ќе постапува по случаи каде ќе биде утврдено постоење на елементи за сторено кривично дело“.