Полицијата расветли два од трите инциденти кои минатата недела се случија во автобуси на ЈСП, информираат од Министерството за внатрешни работи. Идентификувани се учесниците во инцидентите што се случиле во автобусите со број 33 и број 7.
Сите лица кои учествувале во насилството се малолетни, а двe од нив учествувале и во двата инцидента.
„Осомничени се вкупно 13 малолетници, со што бројот на малолетници кои годинава се откриени и санкционирани заради учество во инциденти се искачи на 150 лица“, стои во соопштението од МВР.
Осомничени има за насилството врз 17 годишен ученик од Скопје, кој минатата недела беше нападнат во автобусот број 33, од страна на поголема група ученици, кои без повод и причина му нанеле видливи повреди.
Другото дело е извршено врз 15 годишен ученик во автобус на ЈСП број 7, каде што поголема група ученици на негова возраст, повторно без причина, почнале да го удираат со боксови во пределот на главата и рацете.
По комплетирањето на целокупниот материјал, против сторителите ќе биде поднесен соодветен поднесок, посочуваат од МВР.
Од ЈСП Скопје пак најавија дека за зголемување на безбедноста во автобусите ќе ангажираат повеќе контролори, но ќе набават и снимачи бидејќи досега камерите во новите автобуси служеле само за пренесување на сликата до возачот.
За најголемиот инцидент кој се случи минатата недела во автобусот со број 65 каде повредени беа 6 лица, засега нема полициска разврска.