Малата хидроцентрала Рибничка во Националниот парк Маврово нема да се укине. Министерството за животна средина и покрај барањето на Бернската конвенција да не се гради овој енергетски капацитет, преговара со инвеститорот Рибничка да се дислоцира надвор од зоните на строга заштита и активно управување, пишува Новинската агенција Мета. Нема да се укинат ниту трите мали хидроцентрали во Националниот парк Шар Планина, Пена 84 и 85, а Вејачка е веќе готова и е во пробна употреба.
Истата судбина ја чека и реката Дошница на Кожуф, каде се предвидени две мали хидроцентрали. И покрај противењето на јавноста и еколошките организации, Министерството продолжува со овие проекти, за кои вели дека ги имаат обезбедено сите дозволи според позитивните прописи.
Комитетот на Бернската конвенција во декември минатата година на 43. седница побара од земјава веднаш да ја откаже Рибничка во Маврово и да се раскинат сите концесии за мали хидроцентрали во Шар Планина. Од Комитетот побараа и да се забрзаат прогласувањето на националниот парк Маврово и донесувањето на законите за води и за заштита на природата. Пред телата на Конвенцијата веќе една деценија трае случајот што го покрена „Еко свест“ за одбрана на Маврово и реките од овие енергетски капацитети. Тоа резултираше со повлекување на инвеститорите на Жировница 5 и 6, но не и на Рибничка.
Од Министерството за животна средина за Мета.мк информираат дека за оваа мала хидроцентрала не е поведена постапка за раскинување на договорот за концесија.
„Концесионерот има доставено предлог за промена на техничкото решение со дислокација на зафатите лоцирани во предложените зони на строга заштита и активно управување. Засега не се разгледуваат и други сценарија за раскинување на договорот, посочуваат од Министерството.
Што се однесува до Жировница 5 и 6 за кои пред една година Владата донесе одлука да се раскинат концесиите, Комисија која беше формирана од Mинистерствата за животна средина, економија и финасии, работи на документацијата за обештетување и спогодбено раскинување на Договорот за концесија. По завршување на работата комисијата ќе треба да ја информира Владата која со концесионерот ќе треба да потпише спогодба за раскинување на договорот.
Во 2022 година беа раскинати седум концесии на мали хидроцентрали откако Шар Планина стана национален парк. Но, минатата година беше донесена одлука за продолжување на концесиите на Пена 84 и 85 и Вејачка. Од Министерството велат дека за нив од самиот почеток се знаело дека нема да се укинат.
„Со донесување на Законот за прогласување на дел од Шар Планина за Национален Парк, беа предвидени сите МХЕЦ за кои беше предвиден престанок. Во тие не влегуваат Пена 84 и Пена 85, ниту Вејачка, која е изградена и пуштена во пробна работа“, велат од Министерството.
Заканата од изградба на енергетски објекти на мали реки и девастација на природата и биодиверзитетот не е присутна само во заштитените подрачја. Минатата година имаше големи реакции од локалното население и еколошките организации за издавањето на дозволи за изградба на мали хидроцентрали на реката Дошница. Иако не е во заштитено подрачје, јавноста процени дека ваков тип на зафат е штетен за природата и биодиверзитетот, бидејќи тоа е една од најчистите реки во земјава. Сепак, од Министерството велат дека во моментов не се разгледува можност за раскинување на договорите за овие две мали хидроелектрични централи, со оглед на тоа што тие ги имале сите дозволи и одобренија според законите за водите и за животна средина.
Минатата година „Еко Свест“ и професорот Игор Камбовски објавија правна анализа за правните можности за раскинување на концесиите која беше понудена на институциите да ја искористат во преговорите со концесионерите. Министерството вели дека законските и договорните можности за раскинување на договорите за концесии се веќе содржани во законите за води, за концесии и јавно приватно партнерство, како и во самите договори и дека тие веќе се применуваат во преговорите при сите досегашни случаи на раскинување на договори за концесија.
Посочуваат дека не може да се знае дали ќе се доделуваат и нови концесии за мали хидроцентрали со оглед на тоа што се уште постојат локации кои останале недоделени, но има и предлози за спроведување на постапки и на други локации, кои Министерството ги преиспитува.