Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинарите (ССНМ) ги осудија навредите и недоличниот речник на директорот на Топланата „Скопје Север“, Куштрим Рамадани упатени кон новинарката Катерина Додевска од МКД.мк.
Во телефонски разговор помеѓу Додевска и Рамадани, поврзан со тема околу дозволите на оваа Топлана, директорот неколку пати ја пцуел новинарката.
„ЗНМ алармира дека ваков однос кон новинарите и медиумските работници од страна на одговорни лица е недозволив и непримерен. Лична пресметка со новинарите или медиумските работници во ниту еден случај не може да биде оправдана и затоа овој однос може да води кон самоцензура. Ваквиот однос претставува и притисок на слободата на информирањето на јавноста и загрозување на јавниот интерес. Директорот Рамадани исто така, според разговорот објавен на МКД.мк, се заканува со тужба на новинарката Додевска без никаква основана причина што дополнително говори за нискиот капацитет за професионална комуникација“, велат од ЗНМ.
„Згрозени сме од вокабуларот и односот на директорот на топлана Скопје Север, Куштрим Рамадани, кој непримерно се однесуваше кон новинарката на МКД.мк, Катерина Додевска, додека таа професионално ја вршеше новинарската професија. Го потсетуваме Рамадани дека е јавен функционер и неговиот однос е недозволив“, велат од ССНМ.
Од ЗНМ побараа директорот Рамадани веднаш да поднесе оставка, а посочија и дека стојат на располагање за правна помош на новинарката во случај на судски спор.