Фондацијата Отворено општество – Македонија остро го осудува насилството и непрофесионалното однесување на полициските службеници при постапувањето кон Ромите, по објавувањето на видеото од бруталното постапување на полицијата во Битола.
„
Видеото од бруталното постапување на полициските службеници при службена акција во Битола, јасно покажува дека полициската бруталност е присутна во нашето секојдневие. Особено нè вознемирува и загрижува што е насочена кон Ромите. Полициските службеници наместо да ги штитат граѓаните од насилници и да бидат извор на сигурност, тие се насилникот, кршејќи ги темелните човекови права и учествувајќи во етничко профилирање со што ја подриваат довербата кон полицијата и институциите и ги загрозуваат темелните вредности на нашиот Устав и нашите стремежи како идна членка на Европската Унија“, велат од ФООМ.
Затоа бараат итна, темелна и брза истрага и од страна на Министерството за внатрешни работи и од Јавното обвинителство за утврдување на дисциплинска и кривична одговорност.
„Бараме најстроги казни за сторителите на овој брутален израз на моќ. Институциите мора итно, јасно и недвосмислено да покажат дека сигурноста и безбедноста на секој граѓанин е загарантирана и активно да работат на враќање на довербата во полицијата, но воопшто и во институциите.
Ромите се жртви на секојдневна системска дискриминација и се повеќекратно изложени на полициска бруталност. Институциите, а особено полицијата не смеат да дозволат одржување на ваков неразумен третман кон Ромите, но и кон ниедна друга ранлива заедница на граѓани во нашата земја, особено ако заложбата на државата е да се создаде општество во кое има место за сите. Општество во кое ќе се почитуваат човековите права, достоинството и владеењето на правото и кое се справува со нееднаквостите по сите основи“, посочуваат од ФООМ.
Претходно реакција стигна и одХелсиншкиот комитет за човекови права, а од здружението „Аваја“ најавија и протест против полициската бруталност.
Хелсиншки комитет бара најстроги казни за полицајците кои претепаа Роми во Битола, од Аваја најавија протест