Здружението за заштита на животната средина Терра Флориа и здружението за заштита на животните Анима Мунди најостро го осудија поморот на поголем број млади врани за време на последните сечења на старите високи дрвја во Центар спроти хотелот Бристол.
Двете здруженија посочуваат дека овие дрвја со години биле место на пролетно гнездење на враните во Скопје. Гнездата сега се уништени, а угинаа и штотуку испилените птици кои се поддготвувале за својот прв лет.
„Вчера се осакати природата. Ширум светот пред било какво сечење на дрвја се консултираат експерти и тоа никако не се прави во пролет кога птицата се гнезди.“, стои во заедничкото соопштение на Терра Флориа и Анима Мунди.
Оттаму посочуваат дека враните се дел од урбаниот екосистем и последниот настан може сериозно да влијае на нивниот број во градот што секако ќе има трајни последици врз Скопскиот екосистем.
„Враните се омнивори и меѓу другото се хранат со инсекти чиј број масовно би пораснал доколку нив ги снема. Ова би значело сериозно пореметување на рамнотежата во природата. Она што го видовме на фотографиите беше навистина сурово, трагично, непростливо, при што се убиени мали штотуку родени бебиња кои не го доживеаја првиот лет“, реагираат двете здруженија.
Тие апелираат до надлежните органи ваквите немили сцени повеќе никогаш да не се повторат, а укажуваат и на фактот дека без големите крошни на старите дрвја Скопје ќе се задуши во сопствениот отпад.