„Не ми се ќути“, „Цензори во име на моќниците“, „Не сме џубокс, ние сме новинари“ и „Осудени за вистината!“, беа само дел од пораките кои денеска стотина новинари и медиумски работници на протест ги испратија пред Граѓанскиот суд во Скопје.
Нивниот револт доаѓа по пресудата во случајот „Фероинвест против ИРЛ“ во која се спори статусот на новинарите во ИРЛ и се наведува дека тие не можат да се претставуваат како новинари и да прават новинарски емисии, што според новинарските здруженија може да биде опасен преседан во иднина.
Дел од новинарите демонстративно ги залепија устите со трака, алудирајќи дека власта и моќниците сакаат да ги замолчат.
Фото: Радио МОФ
Новинарот Сеад Ризвановиќ, обраќајќи се пред присутните, рече дека во овој случај не станува збор само за ИРЛ, туку за сите новинари.
„Ние зборуваме во име на граѓаните. Кога сакаат да не` забранат нас ги забрануваат граѓаните. Забрануваат граѓаните да го кажат својот глас, забрануваат граѓаните да ја слушнат вистината. И затоа сакам да им порачам – не му успеало на никого до сега, и нема да успеат. Само ќе не направат посилни, само предизвикаа да дојдеме овде пред Судот и да ја пратиме пораката. И сакам да им кажам дека нема да застанеме“, рече Ризвановиќ.
На протестот пред Судот ЗНМ и ССНМ поставија плакета за „Цензор на годината“ наменето за судијката Јованка Спировска Панева, која ја донесе контроверзната пресуда против новинарите од ИРЛ.
„Години наназад судиите работат во корист на бизнисмените, во корист на политичарите. Но, ние сме тука да ја кажеме вистината пред се`. Судиите треба да си ја знаат работата и да ја ценат, не според тоа кој е во позадина и кој е тој што тужи, туку реално да гледаат на работите. Затоа што никој досега не не` замолчил, ниту отсега ќе не` замолчи“, рече новинарката Ирена Мулачка.
Од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) реагираа дека оваа пресуда може да биде опасен судски преседан кој штети на независноста на новинарството, бидејќи го спори фактот дека граѓански здруженија можат да бидат медиуми во Македонија и го доведува во прашање нивното постоење.
„Значи проблемот е дека некој сака да не дефинира, со закон да кажува кој може да биде новинар, а кој не. Само да ја потсетам јавноста дека слободните новинари се сржта на истражувањето и длабинското новинарство каде обработуваме теми кои се многу важни за јавноста“, рече новинарот Горан Теменугов.
Новинарските здруженија до Судот доставија допис во кој побараа поголемо разбирање и внимателност во постапките против новинарите и медиумските работници, сериозно земање во предвид на одлуките на Советот за етика во медиумите во Македонија и Советот на честа на ЗНМ. Тие потсетија дека има можност за организирање обуки за судиите за во иднина да се избегнат вакви ситуации во кои, според здруженијата, се омаловажува и деградира интегритетот на новинарите.
Покрај еснафот, реакција реакција за пресудата имаа и од Агенцијата за аудиовизуелни медиуми (АВМУ), од каде потенцираа дека слободата на изразување е уставно гарантирана категорија и како таква е неприкосновена.
„Граѓаните имаат право да бидат објективно, навремено и точно информирани за сите прашања кои се од исклучителна важност и се однесуваат на јавниот интерес и остварувањето на ова право треба да биде поттикнувано и охрабрувано од сите релевантни чинители во општеството. Објавувањето уреднички обликувани содржини во кои не се прекршени професионалните новинарски стандарди, кои притоа се емитувани и на јавниот сервис е во насока на остварување на слободата на говор и слободата на информирање и зачувувањето на интересот на граѓаните“, наведоа од АВМУ.
Даниел Евросимоски