Дваесет и првото издание на традиционалниот „ОФФест“ ќе се одржи од 1 до 4 јуни во Националната опера и балет и МКЦ во Скопје. Фестивалот годинава го сочинуваат осум концертни настапи и еден документарен филм.
„’ОФФест 2022’ќе го отвори извонредниот македонски етно состав PERIJA, како и маестралниот тандем на две наши исклучителни творечки фигури DOBRILA & DORIAN DUO, со домашна концертна премиера на музичкото ремек-дело, албумот „Apocryph“ (SJF Records, 2021)“, се вели во најавата за фестивалот.
Организаторот посочува дека мајсторството во изведбата на африканската кора што ќе го сподели виртуозниот инструменталист BALLAKE SISSOKO од Мали, во комбинација со рафинираниот пост-тропикализмичен и боса-нова звук на триото на бразилскиот гитарист, пејач, композитор и продуцент LUCAS SANTTANA, создаваат услови за беспрекорно концертно доживување.
„Фасцинантниот електро-психоделичен музички огномет на колумбиските тропски велемајстори LOS PIRAÑAS е еднакво погоден за слушање и за танцување. Величенствената моќ и уникатната разновидност на италијанската пејачка MARIA MAZZOTTA ќе ја пресретне волшебната интерпретација на националниот музички стил на Зелено’ртските острови (Кабо Верде), популарната ‘морна“, од страна на една од најреномираните уметници што го истражуваат и чуваат ова огромно музичко наследство – NANCY VIEIRA. ‘ОФФест 2022’ ќе го заклучи експлозивниот и фуриозен хајлајф фанк на многучлениот афробит колектив SANTROFI од Гана“, соопштува организаторот.
Во рамките на фестивалската програма ќе биде прикажан и документарниот филм „The Rumba Kings“, посветен на конгоанската румба.
Целата програма и останатите детали можат да се видат ТУКА.