Дваесет и третото издание на домашниот најголем фестивал на музиката на светот „ОФФ-Фест“ ќе се одржи од 6 до 9 јуни во Националната опера и балет, Младинскиот културен центар и Кинотеката на Македонија, со осум концертни настапи и два документарни филма.
Како што најавуваат организаторите, „ОФФ-Фест“ 2024 ќе го отворат две големи имиња на африканската музика: „Бомбино“, за кого велат дека е еден од најреномираните претставници на прославениот „пустински блуз“, и јужноафриканските ѕвезди „Би-Си-Ју-Си“, познати по својот афро-психоделичен транс и импресивните настапи во живо.
„Вкусниот микс од меланезиски, индиски, африкански влијанија и европски фолк со елементи на импровизирана музика на холандскиот секстет ‘Бои Аки, во комбинација со оригиналниот и моќен звук на француско-етиописката супер-група ‘Куту’, ветува беспрекорно фестивалско доживување. Висенте Амиго, најголемата ѕвезда на фестивалот, се смета за наследник на легендарниот композитор и фламенко гитарист Пако де Лусија. Со две Греми награди зад себе, придружуван од музичари од највисока класа, тој ќе го претстави своето фасцинантно творештво, коешто му донесе светска слава и придонесе неговото име да се стане референца за фламенко гитарата денес“, соопштуваат од фестивалот.
Последната вечер на „ОФФ-Фест“, дополнуваат организаторите, ќе биде во знакот на три европски состави: фуриозниот полски гудачки квинтет „Волоси“ со својот оригинален микс во кој се вкрстуваат влијанијата на рок, џез, етно, амбиент и филмската музика, потоа домашните нео-фолк миленици во подем „Калата“, како и познатиот српски модерен етно колектив „Нејкид“.
Во рамките на предфестивалската „програма плус“ ќе бидат премиерно прикажани и документарните филмови „Сезарија Евора” и „Агадез, музиката и отпорот“.