Осум македонски писатели беа дел од големиот меѓународен проект „Читајќи го Балканот“ што во претходните две години се реализираше во седум земји од регионот – Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Косово, Албанија и Македонија.
Писателите Лидија Димковска, Игор Анѓелков, Даим Мифтари, Иван Шопов, Давор Стојановски, Жарко Кујунџиски и Живко Гроздановски престојуваа во една од земјите-учеснички во проектот, додека Петар Андоновски учествуваше на книжевно читање во Унгарија, а неговиот роман „Телото во кое треба да се живее“ беше преведен на англиски јазик.
Проектот „Читајќи го Балканот“ е партнерски проект на издавачката куќа „Готен“ од Скопје со издавачката куќа „Гога“ од Ново Место и здружението „КРОКОДИЛ“ од Белград.
Во рамки на проектот 48 регионални писатели (заедно со 6 писатели од Кипар и Украина) престојуваа во траење од еден месец во земјите-учеснички во проектот.
„Во текот на својот престој, писателите имаа можност да се запознаат со книжевната средината на земјата во која престојуваат, да се вмрежат со голем број автори, преведувачи и издавачи. Сите автори вклучени во проектот се претставени во печатена публикација, а извадоци од нивните дела се достапни и преку мобилната апликација на проектот“, вели тимот од издавачката куќа „Готен“.
Од таму потенцираат дека преку проектот беа претставени некои од најдобрите книжевни гласови од регионот, при што се олесни и нивното преведување на поголемите европски јазици.
„Истовремено проектот им помогна на писателите дополнително да ја професионализираат својата кариера и да добијат можност за меѓународно присуство преку зголемена видливост и мобилност“, потенцираат од „Готен“.
Проектот „Читајќи го Балканот“ се реализира со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија и на европската мрежа за превод и книги „Традуки“.