Албумот „Pretty Hate Machine“, деби објавата на индустријал легендите „Nine Inch Nails“, промовирана пред 35 години, на 20 октомври 1989 година, претставува револуционерно остварување кое го трансформираше пејзажот на електронскиот рок и индустријал звукот. Трент Резнор, креаторот и мастермајнд-от позади бендот, го искористи својот талент и технолошко познавање за да создаде уникатна мешавина од синтисајзери, електронски елементи и агресивни гитари кои го редефинираа тогашниот алтернативен звук.
Ова ремек-дело ја обединува личната мизерија, бес и отуѓеност со електронски пејзажи, создавајќи темна, но и длабоко емотивна атмосфера. Песните како „Head Like a Hole“ и „Terrible Lie“ содржат стихови исполнети со гнев, лирики кои допираа до колективната фрустрација на младите во доцните 80-ти. Нумерата „Something I Can Never Have“ го покажува ранливиот, меланхоличен аспект на авторството на Резнор.
„Pretty Hate Machine“ не само што остави неизбришливи траги во тогашната сцена, туку го најави и идниот успех на „Nine Inch Nails“. Албумот стана синоним за интензивната, катарзична искреност и силната визуелна естетика на бендот. Трент Резнор се етаблираше како еден од највлијателните автори во индустријал жанрот, поставувајќи ја основата за неговата понатамошна кариера исполнета со еволуција и иновација.
Денес, 35 години подоцна, „Pretty Hate Machine“ останува култен класик, неизбежен во секоја дискусија за алтернативната музика и индустриал движењето. Со својата уникатна визија Nine Inch Nails креираa албум-првенец и притоа отвориja нова димензија на музичкиот израз, која продолжува да инспирира генерации на музичари и фанови.
Јане Алтипармаков