Во 2024 година се одбележуваат 55 години од објавувањето на четвртиот студиски албум на легендарниот американски бенд „The Doors“, „The Soft Parade“. Објавен во 1969 година, овој албум ги подели фановите и критичарите, но со текот на времето, „The Soft Parade“ доби статус на култно дело. Овој контроверзен, но амбициозен албум го претставува преминот на „The Doors“ кон подлабока, поекспериментална музика, со готични и мрачни нијанси, што ќе остави трага во идните жанрови како што се готик рокот и пост-панкот.
Контекстот и музичката еволуција на The Doors
До 1969 година, „The Doors“ веќе беа икони на американската контракултура, познати по нивниот психоделичен, бунтовен звук и мистичниот поетски талент на Џим Морисон. Албумите како „The Doors“ (1967) и „Strange Days“ (1968) веќе ги имаа поставено во пантеонот на рок музиката. Но со „The Soft Parade“, бендот реши да се тргне од својата препознатлива формула и да експериментира со нови звуци, вклучувајќи оркестарски аранжмани.
Иако „The Soft Parade“ беше прифатен во јавноста со поделени реакции, проектот сепак ги рефлектираше креативните амбиции на бендот во време кога музичката сцена стануваше сè покомплексна. Во својата суштина, албумот е своевидно отфрлање на музичките конвенции на рокот и нурнување во нови текстуални и музички територии.
Лирската длабочина на Морисон
The „Soft Parade“ покажува и поинаква страна на Џим Морисон, познат по своите поетски и провокативни текстови. Насловната песна „The Soft Parade“, која трае речиси девет минути, е психоделично патување низ умот на Морисон, исполнето со симболика, општествени критики и апокалиптични визии. Морисон на овој албум ги проширува и својот глас и визијата како поет на апсурдноста на животот, со теми за отуѓеност, смрт и егзистенцијална анксиозност, кои подоцна ќе станат главни темати, столбови на готик рок жанрот.
Во „Shaman’s Blues“, Морисон се претставува како мистичен водич, во дијалог со универзумот, комбинирајќи готски теми со блуз инспирации. Овие песни го покажуваат Морисон како визионерски текстописец, со мрачна и мистична страна која резонира со тогашните и идните генерации.
Музички експерименти и поинакви аранжмани
Еден од аспектите што најмногу го издвојува „The Soft Parade“ од претходните албуми на „The Doors“ е употребата на оркестарски аранжмани. Под закрила на продуцентот Пол Ротшилд, бендот вклучи и жичани инструменти во песните како „Touch Me“ и „Tell All the People“. Овие аранжмани, кои беа драстично поразлични од нивниот минималистички пристап, предизвикаа различни реакции. Некои фанови го поздравија новиот звук, додека други беа збунети од драматичните промени во стилот.
„Touch Me“, водечката сингл нумера од албумот, е особено значајна со својот раскошен оркестарски аранжман и блескаво саксофонско соло.
Прото-готик влијанијата
Иако „The Soft Parade“ не е готик албум во традиционалната смисла на зборот, неговите лирски теми и морбидните визии го најавуваат подоцнежниот развој на готик рокот. Мрачните, егзистенцијални теми на Морисон, во комбинација со богатите, симфониски аранжмани, го прават албумот особено влијателен за жанровите што ќе следат. Нумерите како „Shaman’s Blues“ и „Wild Child“ ја доловуваат темнината и мистиката што готик бендовите од 80-тите, како „Bauhaus“ и „The Sisters of Mercy“, ќе ги истражуваат во своите музички патувања.
Готик рокот ќе се развие како жанр во 80-тите години, но „The Soft Parade“ може да се смета за рано автентично влијание со своите теми и текстови, вкоренети во морбидноста и непредвидливоста на човечката природа.
Контроверзии и наследство
Иако албумот беше делумно контроверзен поради својата драматична промена во стилот, „The Soft Parade“ со текот на времето доби признание како еден од најавантуристичките албуми на „The Doors“. Со својата еклектичност и иновација, „The Soft Parade“ ги постави „The Doors“ како бенд кој никогаш не се плашел да ги поместува границите на музиката.
Овој албум, педесет и пет години подоцна, останува како пример за уметничката храброст и визионерството на „The Doors“, прото-готик легендите кои создадоа музика што одекнува, резонира со слушателите до ден денес.
Јане Алтипармаков