„The Serpent’s Egg“ од „Dead Can Dance“, објавен во 1988 година, претставува едно од најквалитетните и најсакани достигнувања на готик и етно сцената. Овој албум има уникатна текстура, изградена преку комбинацијата на древни, световни и духовни музички традиции. Со звукот на готикот, архаичните инструменти и вокалните текстури на Лиса Џерард и Брендан Пери, „The Serpent’s Egg“ ги води слушателите во безвременски простор кој е истовремено интимен и возвишен.
Албумот е и концептуално и звучно поетски – се отвара со „The Host of Seraphim,“ нумера што создава меланхолична, речиси молитвена атмосфера. Џерард не користи зборови туку пејсажи на звук, изразувајќи емоции кои ги надминуваат културните и јазични бариери.
„Orbis de Ignis“ и „Severance“ се исто така примери за виртуозното преплетување на европската средновековна традиција со модерни готик елементи, каде гласот на Пери додава слоеви на драматика. Звучниот пејсаж „In the Kingdom of the Blind the One-Eyed Are Kings“ е динамичен и комплексен, каде традиционалниот звук на тапанот и електронските елементи се спојуваат во неочекуван, ритмичен тек.
„The Serpent’s Egg“ се истакнува и со својата мистичност – дури и на првото слушање, станува јасно дека овие композиции го надминуваат формалното и функционалното во музиката. Ова е албум кој носи со себе духовна димензија, поврзувајќи го готикот со етно елементите на таков начин што создава чувство на возвишеност и внатрешна контемплација.
Ова дело на „Dead Can Dance“ е од оние ретки музички искуства кои можат преобразат, водат во свет на древни култови и современи мистични истражувања. Со „The Serpent’s Egg“, тие потврдуваат дека имаат уникатен уметнички глас, а и дека музиката може да биде конекција, своевиден канал за длабока духовна и емоционална врска со слушателот.
Јане Алтипармаков