[Осврт] Кон „In the Flat Field“ на легендарните „Bauhaus“

Рецензентски осврт за деби албумот In the Flat Field на легендите на готик рок и њу-вејв стилот Bauhaus, објавен за издавачката куќа 4AD.

Пред 44 години, во ноември 1980-та, се појави деби албумот „In the Flat Field“ на „Bauhaus“ – дело кое го отвори патот за готик рок жанрот и постави темел за една музичка револуција. Албумот, кој е одраз на дефинираната естетика и бунтовниот дух на раните 1980-ти, остави незаборавен и траен впечаток со својата интензивна атмосфера и уникатен стил. Bauhaus во овој период експериментираат со звук и израз, а резултатот е бескомпромисна музичка визија која го комбинира минимализмот на пост-панкот со езотерични и мрачни текстови.

Песните на албумот, како што се „Double Dare“ и „God in an Alcove,“ ги истражуваат темите на отуѓеност, лични стравови и конфликти, создавајќи сцени кои го оставаат слушателот со специфичен впечаток на морничава возбуда. Вокалот на Питер Марфи доминира во секој такт, надополнет со специфичниот гитарски звук на Даниел Еш, кој е засилен со бас линиите на Дејвид Џеј и експлозивната енергија на тапаните на Кевин Хаскинс. За многумина, овие песни не се само музика, истовремено се и визионерски израз на мрачната убавина и анархичниот дух на Bauhaus, кои храбро ги презентираат своите сирови емоции.

„In the Flat Field“ често се смета за тежок и експериментален албум, кој на почетокот не добил голема комерцијална популарност, но затоа со текот на времето стана култен класик. Албумот е предвесник на готик рок сцената што ќе следи, а неговото влијание е очигледно во делата на бендови како „The Cure“ и „Siouxsie and the Banshees“. „Bauhaus“ со „In the Flat Field“ креираа музичка визија и обликуваа одреден културен феномен, дефинирајќи го мрачниот постпанк звук што ќе стане основа за идната готик сцена.

Во рамките на денешната светска културна сцена, овој албум останува и фигурира како симбол на независната уметност, а неговата музика продолжува да биде извор на инспирација за новите генерации. „In the Flat Field“ е повеќе од албум — тој е израз на слобода, уметничка храброст и безвременска автентичност која продолжува да живее во срцата на љубителите на „Bauhaus“, готик рокот и генерално, квалитетната некомпромитирана уметност.

Јане Алтипармаков