[Осврт] Кон претстава „Ана Каренина“ во изведба на Новосадскиот театар од Србија

Полна сала, стоечки овации, куп емоции и патување низ времето и дејството. Ова е целосниот мој впечаток од претставата „Ана Каренина“ која во саботата беше изведена на унгарски јазик од Новосадскиот театар од Србија, во режија на Дејан Пројковски. Претставата беше дел од 49 издание на фестивалот Млад отворен театар. 

„Сите среќни семејства наликуваат едно на друго, секое несреќно семејство е несреќно на свој начин“. 

Реченица која секој пат ме тера да ја препрочитам неколку пати. Дури и кога ја читам Ана Каренина по десети пат во мојот живот, оваа реченица морам ја препрочитам, за да не ја заборавам. За да биде врежана некаде низ мојата глава.

Додека се полнеше салата во Албанскиот театар во Скопје, размислував како успешно може да се долови приказната на Ана Каренина, и секој присутен да понесе некаква порака со себе. Имајќи предвид дека станува збор за една многу комплексна драма составена од многу интриги, љубов и морални дилеми, бев малку скептична. По само пет минути од тоа претставата почна. Сценографијата, музиката и глумата веднаш ме повлекоа низ времепловот. Одеднаш имав чувство дека сум на железничката станица со Ана Каренина. Времето запре. Приказната почна. 

Ролеркостер од емоции. Секоја сцена беше приказна за себе. Синхронизирано движење, одлична костимографија и скриени пораки. 

Она што најмногу ме фасцинираше на почеток беше втората сцената со уметничкото лизгање. Како да се долови уметничко лизгање на сцена? Со ролери. Тој спој на минатото и сегашноста ми покажа дека приказната се уште живее и ќе живее. Имагинацијата за тоа како најлесно да се долови на гледачите беше неверојатна.

Како што се плетеше приказната за животот на Ана, така сите ние присутните заедно пловевме со неа. Морам да признаам дека иако скоро никој во салата не разбираше унгарски јазик и сите гледавме кон преводот кој паралелно течеше со претставата, тоа воопшто не ни направи дистракција од дејството.

Кога Ана патеше, имав чувство дека и публиката се соживува со неа. Емоционалото разголување на актерите на сцена беше толку реално што на момент си помислив дека ова е реална приказна на која сум сведок. Секој од нас се поврза со некој од ликовите.Некој го охрабрувавме, некој го сожалувавме а некој пак го осудувавме.

Секој од нас индивидуално ги доживуваше и разбираше сценските изведби и скриените пораки.

Три часовна претстава изгледана во еден здив бидејќи времето запре а приказната течеше сама по себе. 

Текст и фотографии: Симона Паскоска