Израел започна да ги укинува главните ограничувања наметнати како дел од третиот национален карантин кој беше воспоставен кон крајот на декември, со цел да се спречи ширењето на Ковид-19, овозможувајќи продолжување на комерцијалните активности и отворање на училиштата.
Од денеска во Израел се отворени продавниците, трговските центри, музеите и библиотеките. Сепак, само оние кои се вакцинирале или оздравиле од коронавирусот ќе можат да одат во сали за вежбање, на спортски и културни настани, хотели и базени, објавија тамошните медиуми.
Покрај тоа, училиштата се отвораат за учениците од петто, шестто, 11-то и 12-то одделение на местата каде што стапката на инфекција е ниска или средна.
Учениците од седмо до десетто одделение ќе продолжат со учење на далечина, а градинките и училиштата за учениците од прво до четврто одделение се веќе отворени во местата кои се означени со зелена или жолта боја, во зависност од стапката на инфекција.
Израелскиот лидер Бенџамин Нетанјаху се надева дека вкупно 95% од населението постаро од 50 години ќе биде вакцинирано во рок од две недели.
Повеќе од 4.2 милиони Израелци ја примија првата доза од вакцините против Ковид-19 и повеќе од 2.8 милиони ги примија двете дози, во земјата со 9.3 милиони жители.
И покрај тоа што Израел е првата земја во светот според бројот на вакцинирани во однос на бројот на жители, вирусот се уште рапипдно се шири меѓу невакцинираните.