Повеќе македонски граѓани на Малта затекнати од новонастанатата ситуација, деновиве не успеаја да се вратат во државава, откако компанијата „Визер“ ги откажа летовите од оваа земја кон Скопје. По цел ден на аеродром, дел од нив преку Истанбул успеаја да стигнат до земјава, купувајќи карти по „солени“ цени. Актерката Ангела Наумоска од Прилеп, беше во групата што успеа да стигне до Скопје, преку алтернативна рута до Истанбул со „Туркиш Ерлајнс“. Ден пред да тргне кон Скопје, компанијата „Визер“ ја известила дека и е откажан летот букиран на 14 март.
„Пораката гласеше дека летот е откажан, ‘за подетални информации обратете се на страната на Визер’. Нивната страна беше недостапна во наредните три часа, па кога повторно стана достапна, летот за Скопје преку нив имаше можност за ребукирање на седишта. Надевајќи се дека тоа е тоа што треба да го направиме, се ребукиравме. На страната на малтешкиот аеродром летот се` уште не беше тргнат. Исто така и од аеродромoт во Скопје имавме позитивни информации дека нема да бидат прекинати летовите. Се до сабајлето, кога конечно малтешкиот аеродром објави дека летот е откажан, а на апликацијата на Визер стоеја букираните билети“, објаснува Наумоска за Радио МОФ.
Летовите на „Визер“ од Малта биле откажани и за дестинациите како Букурешт, Будимпешта, Софија, Белград, а на шалтерот на авиокомпанијата им било понудено да им ја пребукираат картата со компанијата „Рајанер“, со билет кој тие сами треба да си го платат, раскажува таа.
„После вториот продаден билет за Ниш, се откажа и тој лет. Што значи, нас ни остануваше опцијата да купуваме билети за ‘Туркиш’, кои што летаат и чии летови се пребукирани. Тоа не беше исклучок и таа иста сабота (14.03.2020) кога требаше да се враќаме со првокупената карта за Визер“, објасни Наумоска.
Цените на билетите со „Туркиш Ерлајнс“, како што посочува соговорничката се движеле по цена од 780 евра по човек, а авиокомпнијата им дала предност на македонските државјани за купување билети за понеделник (16 март), откако македонскиот конзул во Малта остварил комуникација со компанијата, а Наумоска вели дека тоа најверојатно се должи на добрососедските односи.
Наумоска пробала да стапи во контакт и со Амбасадата во Рим, но не добила одговор веднаш. Преку приватни контакти, посочува таа, оттаму им рекле „да не креваат паника“.
„Сега ми е смешно, а во тој момент, верувајте, не можев да верувам што слушам. Нејсе, нашата приказна заврши со тоа што нашата упорност и истрајност за и последниот човек кој купил карти се чекираше, па од тие ‘no show’ луѓе, да ги купиме картите, кои чинеа поприлично“, вели таа.
Наумоска додава дека заедно со нејзините пријатели се на своја иницијатива во самоизолација.
„Нам никој не ни кажа да го правиме ова, со ова не се фалиме туку се обидуваме да ја подигнеме свеста за одговорноста кај луѓето кои патуваат или биле во блиска комуникација со некој кој што патувал. Не потпишавме никаков документ дека ќе се самоизолираме и ќе се пријавиме во јавните здравствени установи“, додава таа.
На Малта, се` уште има македонски државјани кои требало да ја напуштат државата со истиот авион на „Визер“ кој бил откажан, посочи Наумоска, додавајќи дека меѓусебно комуницираат, и ги известиле дека веќе купиле карти за во среда, со „Туркиш Ерлајнс“.
„Секако, доколку не се затворат границите. Се надеваме дека нема. Сакам да повторам, ние не бевме во држава која е ризична. Исто така не сме државјани на држава која е ризична. Визер ги откажа летовите. Кога побаравме помош, ние баравме дали може некој да ни каже што да правиме. Малта не ги затвори границите за нас, да бидеме начисто“, вели Наумоска.
Од Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија (МНР) за Радио МОФ велат дека на граѓаните кои се обратиле до нив за информација во врска со откажаните летови на „Визер“, им е укажана можноста за алтернативно враќање преку аеродромот во Истанбул. Оттаму додаваат дека не е познато колку време ќе бидат откажани летовите на „Визер“.
„Препорака до нашите граѓани да го користат аеродромот во Истанбул во случај на неопходност за враќање во земјата, како и да ги почитуваат мерките и препораките на Владата и надлежните Министерства на Република Северна Македонија за спречување на ширење на вирусот, како и мерките и препораките за истото на домицилната држава“, посочуваат од МНР.
Сите граѓани кои имаат потреба од информација или помош, додаваат оттаму, имаат можност да се обратат во Амбасадата на Рим, почесниот конзул во Малта или контакт телефоните на МНР.
Радио МОФ испрати прашања и до авиокомпанијата „Визер“ за тоа, до кога се откажани овие летови, но до објавување на оваа статија не добивме одговор. На нивната официјална веб-страница објавени се последните информации кои се однесуваат на новонастанатата ситуација и откажаните летови, но меѓу нив не може да се најде ништо поврзано со Малта и Северна Македонија. Единствениот индикатор за суспензијата на летовите, и траењето на таквото дејство, е можноста за букирање летови од Скопје за Малта и обратно веќе од 4 април.
Македонските државјани кои се наоѓаат затекнати на граничните премини на други држави и аеродроми, поради новонастанатата ситуација поврзана со коронавирусот, од координативното тело на МНР за помош и поддршка ги упатуваат да контактираат преку следниве канали на комуникација: +389 75 273 732 (редовна линија, Viber и WhatsApp), +389 75 446 647 (редовна линија), +389 70 282 078 (редовна линија, Viber и WhatsApp), како и преку електронската пошта: globalsos@mfa.gov.mk.
Врз основа на официјалните мерки и препораки, од МНР уште еднаш апелираа сите државјани кои живеат или престојуваат во земјите со висок и среден ризик да го одложат доаѓањето во Северна Македонија во овој период.
Мартин Колоски