Од Скопскиот џез фестивал, кои се организатори на ОФФест, информираа дека ќе го откажат овогодишното 22 издание на Фестивалот со образложение дека доделените милион денари на Годишниот конкурс од Министерството за култура не овозможуваат ни најмали услови за организирање на овој настан.
Оттаму додаваат дека сумата која ја добиле е скратена за половина во споредба со средствата кои ги добиле лани и велат дека по 21 година фестивалска традиција се принудени да се одлучат на ваков чекор.
„Немаме намера да ја коментираме Годишната програма, која, според Законот за култура, ја донесе министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска, ниту пак да се впуштаме во некакви споредбени анализи. Тоа е наполно бесмислено сè додека квантитетот на одобрените проекти е замена за оценката што е, а што не е, национален интерес во културата, според критериуми и квалитет, со конечно напуштање на популизмот и антиевропските политики во културата, присутни во Годишната програма“, велат од Скопскиот џез фестивал.
„Немаме намера да поднесуваме жалба до второстепената комисија и да се изложуваме на натамошни понижувања, кои и со поддршката често ги имавме со Министерството за култура во изминатите години. Лани, на пример, вложивме жалба на 1 март, ОФФест се одржа на почетокот на јуни, а одговор на жалбата (се разбира негативен) добивме на 19 септември. Ние знаеме дека на овој конкурс имаме приложено исклучително квалитетни апликации и дека средствата што биле на располагање во оваа дејност не биле намалени во споредба со минатата година“, додаваат организаторите.
Од Скопскиот џез фестивал посочуваат дека ОФФест, заедно со уште 11 еминентни европски фестивали, и понатаму ќе го реализира четиригодишниот проект „Sounds of Europe”, поддржан од Европската Унија, преку програмата „Креативна Европа“. Овој проект, додаваат тие, ќе им овозможи гостување на македонските музичари на бројни европски сцени.
22 издание на ОФФест требаше да се одржи од 7 до 10 јуни.