Македонските нуркачи предводени од спелео-нуркачкиот клуб „Врело“ и нуркачкиот клуб „Акватек” пронајдоа нова подводна пештера во езерото Матка.
Домашните нуркачи го забележале влезот од новата подводна пештера во текот на изведување редовни активности во езерото и пештерата, по што решиле да го истражат пределот. Како што се наведува во соопштението на спелео-нуркачкиот клуб „Врело“ и нуркачкиот клуб „Акватек”, влезот не се забележува лесно бидејќи е скриен во околниот карпест предел и е тежок за влегување поради тесниот отвор.
По тесниот влез, откриваат нуркачите, се отвора голема галерија која се двои во два правци. Тие претпоставуваат дека постои меѓусебна поврзаност со Врело, поради непосредната близина на двете подводни пештери, како и дека некој од внатрешните канали би можел да води до некоја од галериите на Врело. Домашните нуркачи најавуваат нова експедиција во која систематски ќе ја истражат структурата на формации и ќе документираат се што ќе пронајдат во новооткриената пештера.
Подводните пештери претставуваат природно богатство и привлекуваат како домашни така и странски посетители, а воедно носат и големи научно-истражувачки резултати и сознанија. Подводните пештери се често извори на чиста вода, којашто претставува само 2.5 проценти од вкупната водна површина на Земјата. Затоа водата во новата пештера ќе биде дополнително истражувана со натамошните експедиции на нуркачите од „Акватек“ и од „Врело“, се наведува во соопштението.