Под мотото „Откриј го столарот во себе“, Здружението на граѓани „Одржливи иницијативи“ од Скопје, организира столарска едукативна работилница.
Организаторите истакнуваат дека работилницата ќе овозможи заинтересираните да се стекнат со столарски вештини, а цели тие да го одберат столарството како нивно наредно занимање.
Работилницата ќе се одвива во две сесии по три месеци, односно прва сесија од 6 април до јуни и втора сесија од септември до ноември.
Работилниците ќе се одржуваат секој понеделник и среда од 19 до 21 часот во просториите на „Пасворд продакшн“ во Скопје.
Првиот час ќе биде на 6 април, а на 28 март ќе се организира отворена работилница за сите заинтересирани.
„Работилницата во своите активности ќе придонесе кон намалување на отпадот од индустријата за мебел во Скопје, поради што сите активности ќе се одвиваат со материјал кој е остаток во производството,“ вели Бојан Ранташа, координатор на проектот.
Рокот за пријавување на работилницата е од 22 до 30 март, а сите заинтересирани можат да се пријават преку интернет страницата на Одржливи иницијативи , со пополнување на формуларот.
Предност за учество во работилницата ќе имаат жени, невработени лица и лица под 35 годишна возраст, додаваат организаторите.
„Задоволство ни е да поддржиме ваква столарска иницијатива, која цели и на вклучување на жените во столарството, а особено што во нашата фела имаме можност и за вработување“ вели Елизабета Славковска од „Про-дизајн“ Скопје и една од предавачите во работилницата.
Работилницата се организира во рамки на проектот Столарска едукативна работилница за намалување на отпадот од индустријата за мебел во Скопје, проект реализиран од страна на Здружението на граѓани Одржливи иницијативи од Скопје, во соработка со компаниите „Акрон“, „Бранимир компани“, „Фамод“, „Про-дизајн“, „Монозеро“, „Југоимпекс“, „Блажич“, „Биба терк“, „Инфини студио“ и „Пасворд продакшн“.