Откриј, запомни и сподели- Светски ден на аудиовизуелното наследство

Како никогаш досега дигиталните медиуми им создадоа можности на архивите да се поврзат директно со публиката, да споделат и да привлечат нова публика преку разни дигитални платформи, наведува УНЕСКО по повод годинашното одбележување на 27 Октомври – Светскиот ден на аудиовизуелното наследство.

Целта е да се подигне јавната свест за зачувување на овој вид наследство за идните генерации, наспроти сите технички, политички, општествени, финансиски и други фактори што го загрозуваат неговиот опстанок. Затоа, на иницијатива на УНЕСКО и Координативниот совет на здруженијата на аудиовизуелни архиви (CCAAA), мото на одбележувањето во 2017-ма е „Откриј, запомни и сподели“.

Дигитализацијата – долгорочен проект на Кинотеката на Македонија

Во чекор со дигиталната ера, Кинотеката на Македонија пред шест години почна долгорочен проект за дигитализација и дигитална реставрација на националното аудивизуелно наследство. Покрај целокупното филмско наследство на браќата Манаки, беа дигитализирани и филмските опуси (играните филмови и селекција на документарни филмови) на режисерите Столе Попов и Љубиша Георгиевски, како и документарниот филм „Македонија во слики“ на Арсениј Јовков. Привршува и реставрацијата на шесте играни филмови на Бранко Гапо. Во Загреб се прави финалната контрола на дигитализираниот опус на овој режиесер. За следната година во план е дигитализирање на опусот на Кирил Ценевски. По завршување на процесот на дигитална реставрација, Кинотеката од сите проекти издава и ексклузивни изданија на ДВД.

„Тоа е, всушност, и предноста на дигитализацијата, поедноставна и поширока достапност на филмовите до филмската публика и културната јавност“, вели филмологот Игор Старделов, раководител на Одделението за прибирање, заштита, обработка и чување на филмови и филмски материјали во Кинотеката.

Во 2012 и 2013 година во лабораторијата во Будимпешта беше реализиран проектот за дигитализација и дигитална реставрација на филмовите од Манаки – пионерите на филмот на Балканот. Претходно, уште во 1996 година во лабораторијата во Будимпешта, Кинотеката направи аналогна заштита на нивниот целокупен филмски опус. Старделов вели дека тоа тогаш за него било огромен предизвик, бидејќи заштитата ја правеле од оригиналните нитратни, запалливи филмови. Но новата технологија, додава тој, им дава огромни, па дури и неограничени можности.

И штети ли дигитализацијата на автентичноста?

Според него, при процесот на дигитална реставрација, особено кај старите филмови какви што се на Манаки, најзначајно и неизбежно е моралното прашање. Со оглед на можностите на новата дигитална технологија, биле принудени, вели, да се прашаат колку далеку може или треба да одат во реставрацијата и да ја идентификуваат црвената линија која не треба да се преминува.

„На пример, дали треба да ја направиме сликата што е можно поубава за публиката? Треба ли да се држиме до автентичноста? Дали треба да правиме компромис со контрастот? Дали треба да ги чуваме сите информации? Треба ли да користиме ремастеринг? Дали треба да ги пресоздадеме изгубените елементи на сликата, и ако е така тогаш до кој степен? Треба ли да создадеме нова и вештачка, артифициелна слика? Дали треба да се користи секундарна корекција? Неопходно ли е да се направи совршена слика? Одговорите на сиве овие и многу други прашања, не беа едноставни и лесни. Сепак, имајќи го предвид фактот дека открив нови детали, нови елементи и информации во однос на нивните филмови, и покрај тоа што мислев дека сум видел и знам веќе сè, резултатот на тој долготраен, сложен и макотрпен процес, е сосема прифатлив, барем за мене, и дури би рекол успешен“, истакнува Старделов.

Петнаесет илјади филмски копии во депоата на Кинотека

Во Кинотеката на Македонија се чува целокупната македонска филмска продукција, од почетоците на „Вардар филм“ во 1947 година па до денес. Во колекцијата се чуваат и два фонда од исклучително значење – покрај целокупниот филмски опус на браќата Манаки, тука е и документарниот филм „Македонија во слики“ на Арсениј Јовков од 1923 година. Старделов напоменува дека за нив се особено значајни и филмовите и филмските материјали снимени од странски филмски сниматели на тлото на Македонија за време на Првата и на Втората светска војна, како и фимовите на првите македонски филмски аматери, снимени пред и за време на Втората светска војна (1935-1945), Благоја Дрнков, Кирил Миноски, Благоја Поп Стефанија, Сифрид Миладинов.

Заедно со фондовите на Заводот за наставно-научен и просветенен филм, на странските филмови кои биле дистрибуирани во Македонија, како и филмовите добиени по пат на размена или подарок од сродните филмски архиви од светот, во депоата на Кинотеката на Македонија и во Хавзи-пашините конаци во Визбегово се чуваат над 15.000 филмски копии.

Старделов посочува дека депоата во Кинотеката, кои беа пуштени во употреба во 2009 година, се по сите светски стандарди за чување и заштита. Филмовите, на филмска лента, се чуваат во разладни комори со 24-часовна контрола на температурата, меѓу 4 и 6 степени Целзиусови, и влажност меѓу 40 и 50 проценти. Додека, пак, нефилмските материјали, фотографиите, плакатите, пропагандниот материјал, пишуваната документација, музејските експонати и електронските формати, се чуваат во депоа каде температурата е меѓу 18 и 20 степени Целзиусови а влажноста меѓу 40 и 60 проценти.

„Ова се вредности кои за заштита и чување на филмовите се сметаат за оптимални според ФИАФ (Меѓународна федерација на филмски архиви), во која Кинотеката на Македонија членува од 1991 година. Во овие депоа е сместена националната продукција, поделена на негатив и позитив филмска лента, како и филмовите снимени пред и за време на Втората светска војна“, додава Старделов.

Збогатување на филмскиот фонд преку меѓународна соработка и размена

Кинотеката на Македонија соработува со националните филмски архиви и кинотеки, особено од Европа, а преку членувањето во ФИАФ има достапност до фондовите на нејзините сродни институции. Особено е важна соработката во областа на истражувањето, но и во размената на филмови и збогатување на филмскиот фонд, како и при реализација на филмската програма. Како особено значајна Старделов ја истакнува соработката со архивите во Лондон, Париз, Будимпешта, Белград, Букурешт, Софија, Прага, Виена, каде после истражувачките престои, добиени се голем број филмови кои се снимени во Македонија или се однесуваат на Македонија.

Старделов потенцира дека ФИАФ ја почитува Кинотеката на Македонија како рамноправен член на филмско-архвиската заедница и затоа и ја довери организацијата на 70-тиот Конгрес на ФИАФ во 2014 година во Скопје, кога учествуваа околу 200 нивни колеги од филмските ахиви и кинотеки од целиот свет.

По повод Светскиот ден на аудиовизуелното наследство, Кинотеката на Македонија утре од 11 до 14 часот ќе ги отвори за јавноста своите работни простории и депоа. Пред се за студентите и учениците, како и за нивни колеги од сродните институции кои се грижат за заштита на културното наследство. Денот ќе го одбележи и со проекција на филмот „Македонија во слики“ на Јовков, кој е еден од најстарите и најзначајни историски филмски документи во нејзината колекција. 

МИА