Во вторник, 7 септември, во 20 часот по повод 30 години од независноста на Република Северна Македонија и 100 години од раѓањето на Блаже Конески, во Кинотеката ќе биде откриен муралот и проектирани документарни филмови посветени на великанот на македонскиот јазик и култура, Блаже Конески.
Блаже Конески (Небрегово, 19 декември 1921 – Скопје, 7 декември 1993) е еден од најистакнатите македонски книжевни, културни и јавни дејци. Академик, поет, прозаист, есеист, книжевен историчар, филолог и лингвист, преведувач, реномиран славист и професор на Филозофскиот факултет во Скопје. Тој бил и еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик, основач на Македонската академија на науките и уметностите и една од најзначајните личности во македонската книжевност.
Творештвото на Конески е богато и опфаќа голем број прозни, поетски, есеистички и други дела. Конески е добитник на најзначајните државни награди за своето творештво, меѓу кои и „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата (1981), како и бројни меѓународни признанија.
На вечерта посветена на стогодишнината од раѓањето на великанот ќе бидат проектирани документарни филмови и тв-емисии инспирирани од неговиот живот и посветени на неговото книжевно дело: десетина куси филмови произведени 2021 по нарачка на Министерството за култура на РСМ, а по повод одбележувањето на јубилејот на Конески, потоа документарните ПРИЛЕП, ВЧЕРА И ДЕНЕС (1959) и ДЕН КОГА СЕ ПРОШТЕВА (1976) во продукција на Вардар филм, како и телевизиските проекти ШАХОТ ВО МАКЕДОНИЈА (2007) и ТВ ЛЕКТИРА – „РАКУВАЊЕ“ ОД БЛАЖЕ КОНЕСКИ (2004), информираат од Кинотеката.
Во соработка со Фестивалот за урбана култура „Мурал“, кој годинава бележи три години постоење, ќе биде крериран мурал на површина од 20 метри квадратни, изведен во чест на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески. На него ќе биде отсликан портретот на Конески, задно со одредени одлики на неговото творештво.
Муралот е дело на уметникот Дејвид Стоилковски-Молерај (Куманово, 1997), кој има богато искуство со исцртување на мурали и графити.
Дипломирал на Академијата за ликовни уметности, отсек графика во класата на професорката Славица Јанешлиева. Учествувал на повеќе групни изложби и проекти, меѓу кои и „Кумановски графичари“ 2018 г.; Современа Македонска графика – „Графичка акција Скопје – Сплит“ 2019 г; изложба во чест на Драгутин Аврамовски Гуте (каде што е добитник на награда за најдобро изработено графичко дело за 2019 г.); на повеќе завршни изложби на Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ); изложба “Градот” во паркот на франкофонијата во Скопје; изложба на минијатурни графики Ex Libris во Скопје, 2019 г.; изложба – „Душата мисли во слики“ 2020 г. во Скопје; изложба на цртежи “Lockdown sketches” 2020 г. Во Куманово, итн..
Бил коорганизатор и учесник на „Графити фест“ во Куманово 2017 и 2018 г., учествувал во разни проекти за исцртување мурали и графити низ Куманово и Македонија, „Графити фест“ Неготино 2018, реализирал мурали во Кочани, Чашка- Велес, Крива Паланка…
Минатата недела на „Струшките вечери на поезијата“ беше промовирано монографско издание за великанот на македонската книжевност. Предговорот на Монографијата го напиша македонски поет, раскажувач, критичар, есеист, книжевен теоретичар Атанас Вангелов, кој посочи дека оној што не влегол досега во поезијата на Конески има трајна загуба.